Целта на Бугарија ѝ е да скршат барем 20% од вас, не дозволувајте!, им порачува Груевски на Македонците во Албанија

Фејсбук статус на екс-премиерот Никола Груевски

ПОВИК ДО МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА ДА СЕ ПОПИШАТ ТОА ШТО СЕ ЧУВСТВУВААТ ВО ДУШАТА

Деновиве започна пописот во Албанија. Добив загрижачки пораки од Македонци во Албанија кои кога ги читам единствено ме потсетуваат на состојбите во Македонија во 19. и првата половина на 20. век. Просто е неверојатно како историјата се повторува. И не само во овој случај, туку многу пошироко.

Информациите од теренот говорат дека официјални и неофицијални преставници на други држави дејствуваат на теренот помеѓу македонското население со пропаганда, но и со разни уцени за што поголем дел од Македонците да не се попишат како што реално се чувствуваат – македонци, туку како припадници на една друга нација различна и негаторска кон македонската, со која имаме сличности, им посакуваме се најдобро, но сме далеку од иста нација.

Ние сме свесни дека како и во Македонија, така и во Албанија, многумина македонци земаа пасоши на една друга земја исклучиво од економски потреби во услови на тешка економска состојба, а не реално заради самочувство на припадност кон таа нација. Тие и потоа си останаа со истото самочувство – македонско, и си говорат ист јазик- македонскиот. Тоа го знам и лично од моите посети на Мала Преспа, Голо Брдо и Тирана каде се среќавав со многумина од Вас Македонците во Албанија.

Но, сега на терен се пуштени разни пропагатори, мешетари, посредници за стекнување државјанства, па дури и официјални лица. Целта им е со разни методи да скршат барем 20% од вас во некои од општините каде доминираат Македонци, па потоа според законите на Албанија, да добијат право на отворање училишта на нивен јазик, да ве тераат вашите деца, децата на вашите роднини, комшии и сограѓани да одат на училишта на тој друг јазик и така долгорочно ако не вам, барем на вашите деца, внуци и паравнуци да им создадат самочувство на друга национална припадност, различна од македонската и негаторска кон македонската.

Така со евентуално ваш погрешен потег денес ќе допринесете вашите поколенија, заради ваша крупна грешка денес, да почнат меѓусебно да се делат и расправаат и да се закрвуваат внатре во семејствата и во заедницата.

Не е наивна оваа работа, и не е прашање на моментално стекнување со нешто сега. Може да има долгорочни последици кои нема да можете да ги поправите и по 10, 20 и повеќе години ќе ги чувствувате последиците и ќе се каете.

Затоа, како поранешен премиер на Република Македонија и поранешен водач на партијата која е заштитник на македонските национални интереси – ВМРО-ДПМНЕ, мојата порака и охрабрување до сите македонци во Албанија е:

Пишете сѐ тоа што се чувствувате во вашата душа. Не правете компромиси со чувствата по никоја цена, со нешто за што нашите предци во далеку потешки услови и кога воопшто Македонија не постоела како држава, дури ни Албанија – опстојале, издржале и не потклекнале.

Знам дека не ви е лесен животот. Но, не дозволувајте да се пишете таму каде не морате она што не сте, и она што целиот живот ќе ви ја подрива совеста и сами од себе ќе чувствувате срам и грижа на совеста.

На последниот попис во Албанија во 2011 година ниту еден, повторувам НИТУ ЕДЕН граѓанин на Р. Албанија не се пишал по националност тоа што некои луѓе сега се обидуваат вас да ви извршат влијание да се попишете, користејки нечесни методи.

Останете чесни кон себе и своите семејства, кон своите наследници, кон своите предци, кон заедницата и најважно: кон своето длабоко самочувство, свест и совест.
Знам дека во моментот Македонија е девастирана држава водена од власт која создаде пустош и предавства на националните интереси.

Но, политичарите и власта се менливи и минливи работи. Македонија е држава и колку и да е сега слаба, повторно ќе се издигне. Не потклекнувајте од моменталната национална апатијата. Ќе помине тоа. Македонија пак ќе се крене.

Секогаш сме ве чувствувале како дел од едно заедничко национално ткиво. Сме помагале, веројатно недоволно, но искрено.

Но не подлегнувајте сега под туѓи пропаганди во кои нема никаква искреност и кои се обидуваат да реализираат нивни национални агенди, неостварени во 19. и првата половина на 20. век,. Тогаш таа пропаганда е главно преку црквите и нивните училишта, во време во кое според според милет системот на османлиската империја и неколку децении подоцна под влијание на тоа време, честопати припадноста се изразува кон црквата, а не националното самочувство, во време кога државата тогаш не дозволува македонска црква, што денес нашироко се злоупотребува.

Бидете лојални граѓани на земјата во која живеете и чии сте државјани – Република Албанија, која спроведува како и секоја држава во Европа – демократски попис, и која нема ништо против и е подготвена да го заштити вашето право слободно да си ја изразите својата национална свест и припадност, како и да го напишете јазикот кој го говорите во Вашите домови, покрај албанскиот, и македонскиот.

Ние сме Македонци и ние сме горди на тоа. Македонците се секаде низ светот ценети и почитувани, и многу по ценети од народите на многу други држави кои моментално се наоѓаат во некоја подобра економска или политичка позиција.

Да живее Македонија,
Да живеат Македонците кои странските пропаганди не успеаја со векови и нема да успеат да ги скршат и да им го згазат достоинството!
Да живеат македонците во Албанија и насекаде низ светот!
(Видеото е од мојата посета на општина Пустец, областа Мала Преспа и на општина Требиште, областа на Голо Брдо)

- Реклама -