Журките, блиските контакти и непочитувањето на мерките на плажите на Охридско езеро ќе се одразат во дневните биланси на новозаразени за 7 до 10 дена. Ако вирусот навистина се рашири, тоа нема да се случи само во охридскиот регион, туку во целата држава, велат од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Охрид за „НОВА“.
Особено загрижува што се работи за претежно млади луѓе, кои се впрочем најактивни пренесувачи на вирусот, особено што често поминуваат без симптоми, односно се асимптоматски преносители.
„Ако се вршат редовно тестирања за една недела може да се види колку од нив се инфицираале, а за десеттина денови до две недели ќе видиме како ќе се рашири понатаму вирусот. Не се само охриѓани во опасност, тие и одбегнуваа да излегуваат од своите домови во големиот налет од туристи за време на продолжениот викенд. Но, секако имало контакти“, изјави за НОВА д-р. Сашо Точко, директор на Ценатрот за јавно здравје во Охрид.
Тој истакнува дека имало повеќе интервенции од страна на МВР и Пазарната инспекција, но дали ќе бидат доволни да спречат нов кластер од Охрид, ќе се знае за најмногу две недели (прочитајте ТУКА).
Крајно разочаран е и Директорот на ЦЈЗ Скопје и член на Комисијата за заразни болести – епидемиологот д-р Александар Стојанов. Досегашните над 11.000 потврдени случаи и 505 починати од коронавирус во земјава, според него, се резултат единствено на непочитувањето на мерките.
„Крајно сум разочаран од однесувањрто на граѓаните. За сѐ да функционира како што треба, без речиси никаков ризик од зараза со вирусот се дадени протоколи. Но, никаде, ама баш никаде не се почитуваат како што треба. Дури 90% од мерките и протоколите не се спроведуваат. Нормално е да имаме вакви бројки. Јас не можам да разберам дека голем дел од граѓаните сѐ уште не веруваат дека вирусот постои, а посебно ме загрижува тоа што дури и здравствени работници велат дека Ковид-19 не постои. Сѐ додека владее ваквото мнение, и се додека свеста на народот не се промени, а да бидам искрен и не очекувам да се случи пресврт, Македонија ќе биде ризична земја кога станува збор за ширењето на заразата со корона вирусот“, вели Стојанов за „Фактор“.
Тој реагира дека надлежните не си ја работат работата и не ги санкционираат прекршителите доволно. Додава и дека епидемиолозите се на крајот на силите; во работен ден од 8 часа, еден епидемиолог може квалитетно да анкетира 5 до 6 заразени и нивните контакти, сѐ друго е премногу и сериозен проблем. Целиот разговор прочитајте го ТУКА.