Семејство, заедно со својот најмлад член – тримесечниот Харви Кенион, требало да лета од Велика Британија до Орландо во сојузната американска држава Флорида. Арно ама, кога дедото на бебето го пополнувал електронскиот образец за виза во електронскиот систем за одобрување на посети (ESTA), по грешка штиклирал погрешно поле.
На прашањето „Дали намерувате или некогаш сте учествувале во терористички активности, шпионажа, саботажа или геноцид?“, дедото на бебето – Пол Кенион, по грешка кликнал на „ДА“, заради што бебето набрзо е викнато на разговор во амбасадата во Лондон (Кенион-ови живеат во Поинтон).
„Не можев да верувам дека не сфатија дека се работи за грешка, и дека бебе од 3 месеци не може никому да наштети“, вели 62-годишниот дедо, кој дури отпосле сфатил што се случува.
Според него, патувањето до Лондон специјално за разговорот, и назад, траело вкупно околу 10 часа. Тоа е подолго и од летот од Манчестер до Орландо. Згора на тоа, грешката ги чинела околу 3.000 фунти. „Тоа навистина беше скапа грешка, ама се надевав дека американската амбасада ќе забележи. Се сомневам дека има терорист кој при пополнување на образецот ќе избере опција ‘ДА’“, вели Кенион (стариот).
Инаку, бебето за време на распитот било многу трпеливо и не плачело, потврдува дедото.
„Размислував околу тоа да го однесам на распитот облечен во портокалов комбинизон, ама не бев сигурен во смислата за хумор на вработените во амбасадата, па се откажав. Секако дека мојот внук нема учествувано во геноцид, ниту шпионажа. Додуша, неколку пати ги има саботирано пелените, ама тоа не им го кажав во амбасадата“.
Бидејќи визата не стигнала на време за планираниот лет, семејството морало да отпатува неколку дена подоцна.
Во секој случај, Американците сигурно се чувствуваат безбедно со вака строгите мерки. Или не.