Потребни ни се околу 8 часа мирен сон во денот, за да можеме да се одмориме и бидеме спремни за следниот. Не секогаш е изводливо. Еден од симптомите на инсомнијата, познат како „Monkey Brain“, е кога лежите будни и посакувате да заспиете, но патот до сонот изгледа вечно долг. Во ваквите ситуации мозокот е обично најлошиот непријател, одржувајќи не будни.
Што кога не можеме да заспиеме?
Трикот, според Зејн Клис, автор на блогот Life by Experimentation, се состои во тоа да го прелажете мозокот дека сте мртви уморни, со тоа што целосно ќе ги насочите мислите кон физичката сензација на претеран умор; не кон тоа да заспиете, не кон тоа колку убав би бил сонот, не кон наредниот ден. Пробајте да ја визуелизирате ваквата состојба. Очните капаци ви се затвараат, устата ви е полуотворена, рацете ви се тешки и бесполезни. Се чувствувате како да тонете во вашиот кревет и пропаѓате во целосна темнина, како некоја невидлива рака да ви ја извлекува свесноста и ве бутка во длабочините на креветот.
Можеби звучи чудно, но истражувањата покажуваат дека само еден едноставен акт на насмевка може да не направи посреќни, а визуелизирањето на спортски настани може да ги подобри перформансите кај спортистите. Зејн смета дека истиот метод може да биде употребен и во случаите на несоница, особено поради фактот што конекцијата тело-ум е толку силна, што самата помисла на заморот може да индуцира поскорешен сон.
Алтернативна опција
Во случај да не успеете да го прелажете мозокот, вреди да се обидете да го смирите и фокусирате, со што ќе го намалите протокот на најразлични непожелни мисли со лош тајминг. А нема ништо посмирувачко од Фибоначиевата низа, нели?
Kорисникот на веб страната Reddit.com, JarlOfBacon го предложува токму тоа, пресметување на броевите од низата на Фибоначи. За појаснување, низата започнува со 0 и 1, а секој нареден член е збир од претходните два. Изгледа вака: 0,1,1,2,3,5,8,13,21… JarlOfBacon вели дека само понекогаш си игра со прости броеви, множење и квадрат, а најчесто заспива едноставно броејќи од 100 кон назад, притоа визуелизирајќи го секој број. Обично клучот се крие околу бројот 80.
Д-р. Нутин Верма, специјалист по медицина на сонот на Универзитетот во Стенфорд и медицински директор на Вашингтонскиот центар за пореметувања на сонот, објаснува: „Навистина интелигентните лица може да не постигнат резултати со досадни активности, како читање на именик или броење овци, бидејќи притоа користат само мал дел од нивното внимание.“ Можеби токму затоа решението е во Фибоначи.