Ако е било каква утеха, не сте единствените. Секојдневниот стрес на работното место им го расипува денот на сите луѓе низ светот. Еве неколку добронамерни и лесни совети за тоа како да останете позитивни и опуштени од 8 до 16.
1. Почнете порано
Знам дека секое утро е тешко да се извлечете од кревет, ама ајде да ги послушаме експертите. Тие велат дека доколку би сакале да станеме половина час порано и да имаме време да се спремиме на мира и да стигнеме на време и покрај метежот во центар, имаме повеќе изгледи да поминеме порелаксиран ден. Вреди да се проба, нели?
2. Земете си грицки
Се сеќавате на оние модерни чашки за кафе што луѓето по филмовите толку гордо ги носат наоколу? Се испоставува дека навистина помагаат! Наполнете една ваква чаша со вашето омилено кафе од дома, подготвено баш по ваш вкус. Исто така, земете си грицки кои даваат енергија (јаткасти плодови, сушено или свежо овошје). Во текот на денот нивото на шеќерот во крвта опаѓа и тоа значително придонесува за зголемувањето на стресот и анксиозноста. На овој начин дури и во денови кога имате многубројни состаноци, можете за кратко време да му ја дадете потребната енергија на вашиот организам.
3. Пофалете се
Многу често работиме и речиси никогаш не преземаме заслуга за добро завршената работа. Не чекајте шефот да ве пофали, пофалете си се самите или почестете се себеси со некоја ситница по работниот ден. Ова ќе ви помогне деновите на работа да имаат поголема смисла и да бидете посигурни дека некои од добрите резултати се благодарение на вас и вашата способност.
4. Не претерувајте со електронската пошта
Со оглед на тоа дека годишно во светот се испраќаат 5,5 билиони електронски пораки, ништо чудно што вашето сандаче се полни со брзина на светлината. Не се стресувајте, треба да развиете тактика… Не читајте непотребни пораки во кои сте во копија само заради тоа што првично сте биле во листата на приматели. Не го губете времето пишувајќи електронски пораки само за да се заблагодарите откако некоја работа ќе се заврши, сигурно и тие од другата страна немаат толку време. Најважно, следете го правилото на три електронски пораки: ако по сите три сè уште не можете да најдете решение со другата страна, кренете ја слушалката или разберете се со нив лично!
5. Планирајте однапред
Кога знаете дека ве чека тежок период на работното место и дека ќе бидете „затрупани“ со работа, одвојте малку време од викендот или останете малку подолго во петок за да ја испланирате однапред следната работна недела. Направете листа со најважните точки кои треба да ги завршите во таа недела и ставете квадратчиња до секоја точка. Обележувајте го секое квадратче онака како што ги завршувате обврските. Можеби звучи детски но, визуелниот менаџмент навистина помага… ќе видите какво задоволство е да се пречкртуваат сите тие обврски!
6. Потсетете се зошто навистина работите
Вистината е, никој не работи од љубов… барем не од љубов кон работата. Сите на крајот од денот работиме за да си обезбедиме сè што ни е потребно за нас и нашите најмили. Потсетете се на сите тие личности на кои работејќи им овозможувате да бидат барем малку позадоволни и поопуштени. Ставете слики во вашите канцеларии од вашите партнери, деца, родители… во моментите на стрес, погледнете ги тие фотографии и потсетете се на деновите кога тие се сликани… задржете ја таа насмевка… сега сте подготвени да се вратите на работа.
Колку и да е тешка, работата го исполнува човекот и како што мојата баба би кажала: „Од работа никој не умрел, синко!“
Времињата се сменија, стресот е поголем и притисокот на животот понекогаш е неподнослив, признавам. Но, запомнете, освен ако не сте еден од најбогатите наследници на светот, работата е нешто што ќе мора да го правите. Пронајдете некој сопствен систем, навикнете се и погрижете се тоа да не одземе премногу од вас.