Трифонов повлекува министри и „става крај“ на владината коалиција, пола од причините е Македонија

Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“ (ИТН) – Слави Трифонов, денеска за бугарските медиуми изјави дека ги повлекува министрите од неговата партија кои се во владата.

„Ставам крај на оваа коалиција и агонија“, соопшти Трифонов, кој наведе две главни причини поради кои не функционира коалицијата – „Северна Македонија и тоа што нема повеќе пари во државата“.

„Покрај напуштањето на националните интереси, министрите на ‘Продолжуваме со промената’ нѐ водат кон банкрот. Премиерот Кирил Петков води поинаква надворешна политика од онаа на министерот за надворешни работи и Советот за национална безбедност. Премиерот има уште еден министер за надворешни работи“, рече Трифонов, посочувајќи на советничката на Петков – Весела Чернева.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Што се однесува до буџетот – Асен Василев, откако е министер за финансии, милијарди летаат горе-долу во државата, тоа се наши пари“, додаде лидерот на ИТН, наведувајќи дека не е јасно за што е потрошена најголемата сума во историјата на Бугарија – 9 милијарди лева за девет дена во декември 2021 година.

Владината коалиција во Бугарија досега се состоеше од четири партии – Продолжуваме со промените, Бугарската социјалистичка партија (БСП), Има таков народ и Демократска Бугарија.

Извор: МИА

- Реклама -