Со транспаренти во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ја почна блокадата

Со доцнење од речиси два часа, денеска во Собранието почна 71. пленарна седница. Ја почнаа пратениците од опозицијата, кои најавија дека од денеска активно ќе го блокираат парламентот.

Во процедурално обраќање, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ – Никола Мицевски, посочи дека денешната седницата била закажана за 11 часот и ги обвини пратениците од власта дека и без блокада „сами се блокираат“, а од претседателот на Собранието – Талат Џафери, побара да ги укори оние кои не се присутни.

„Вие сте блокадата на државата, вие сте тие кои го кочите работењето на овој парламентарен дом. Активната блокада што ја предлагаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е за спас од национална катастрофа и затоа повикуваме на избори кои се излез од оваа криза која вие ја продуцирате“, рече Мицевски, обраќајќи се до пратениците од власта.

Додаде дека блокадата е „на барање на народот“ – дека е „блокада за спас од национална катастрофа, за спас од понижувањата кои ги приредува власта, за спас од лицемерието што власта секојдневно го покажува кон граѓаните, за спас на економијата, на енергетиката, на земјоделците и на сите граѓани“…

По процедуралното обраќање на Мицевски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред собранискиот спикер Џафери со транспарент „Активна блокада за национален спас“, по што тој ги повика да седнат на своите места, притоа потсетувајќи на собранискиот Деловник и на обврските на пратениците за присуство. Во однос на транспарентот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери читаше извадоци од последниот Извештај од Европскиот Парламент, поточно Комисијата за надворешна политика на ЕП, што го добиле пред некој ден.

Подоцна, на седницата, транспарентите на опозицијата ги коментираше пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ – Јован Митрески. Сликата со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспарентите околу собраниската говорница, рече, „е вистинската слика за единствената опозиција во светот која блокира Собрание во светска економска и енергетска криза“. Блокадите на важни закони не се национален спас, како што лаже ВМРО-ДПМНЕ, порача Митрески.

„Не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството, кога три месеци го блокира Законот за земјоделство и рурален развој. Не може да е за спас на енергетиката, а осум месеци го блокира Законот за фотоволтаици. Две години го блокирате законското решение за локални патишта и инфраструктура. Е ова е тоа што вие го нудите како наводен национален спас“, истакна Митрески.

Според него, доколку сака избори ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди 61 пратеник за распуштање на Собранието. Но тоа не може да го направи, па затоа се обидува да ја блокира работата на Парламентот, оцени Митрески.

На седницата, пратениците од СДМС ги изнесуваа своите ставови и уверуваа дека ја зборуваат вистината, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано ги покажуваа транспарентите. Тоа се случуваше и додека претставниците на Владата ги образложуваа законите од своите ресори.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги опоменуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не е нивна задача да ги бројат присутните пратеници или да ги фотографираат.

Собранието во рамки на 71.седница не го усвои предлогот на група пратеници од опозицијата по итна постапка да се донесе законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Со 56 гласа „за“ беше предложено да бидат на дневен ред измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај и за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка.

Активната блокада, според најавите на опозицијата, ќе трае сѐ до постигнување договор за датум за предвремени парламентарни избори. Одлуката за блокада ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 4 мај, а поздразбира „попречување на штетните закони и политики“. Активната блокада, велат, е барање на граѓаните бидејќи СДСМ создале криза и сиромаштија.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно го одби барањето за лидерска средба, посочувајќи дека тоа не може да се случи на база на закани и уцени. Доколку евентуално се одржи лидерска средба, рече Ковачевски, тоа би била средба на која ќе се разговара за прашања кои се стратешки и кои значат подобар живот на граѓаните.

Според парламентарното мнозинство, потегот на опозицијата да ја блокира работата на Собранието е за политички цели, а со тоа ќе им се наштети само на граѓаните и на компаниите. Од СДСМ денеска побараа пратениците од опозицијата да се откажат од сите привилегии, да ги донираат платите и да престанат да користат службени телефони и патувања и сѐ што им следува.

Извор: МИА

- Реклама -