Трајановски: Можеби Универзална сала се жртвува за да се градат згради кај „Треска“

Поранешниот градоначалник на Скопје – Коце Трајановски, го прашува актуелниот градоначалник Петре Шилегов зошто ќе ја руши Универзална сала. Трајановски на Фејсбук реобјави свој стар пост со порака дека му оставил готов проект за реконструкција на Шилегов и дека истиот му го доставил и на тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски.

Во постот од октомври 2017-та, Трајановски најавуваше конгресен центар „Александар Македонски“ со главна универзална сала „Тоше Проески“, односно нов лик на Универзалната сала во Скопје и нејзина целосна реконструкција и надградба, со реконструкција на големата сала, но и изградба на помали повеќенаменски и конференциски сали, административни простории и подземен паркинг простор на повеќе нивоа.

Трајановски, меѓутоа, изрази и сомнеж за позадинска цел на на намерата на местото на Универзална да има парк:

„За јавноста да се запознае подобро ќе и ги посочам следниве факти:

Универзална сала се наоѓа во градската четврт 3 11, а во истата четврт е и поранешата фабрика ‘Треска’. Пред извесно време јавноста ја брануваше деталниот урбанистички план за ‘Треска’ во кој се предвидуваат 50 згради. За да се оствари процентот на зеленило во оваа градска четврт, можеби се жртвува Универзална сала на чие место треба да има парк, а со тоа на просторот на ‘Треска’ се добива поголем кофициент на изграденост“, пишува Трајановски во синоќешниот пост.

 

- Реклама -