Трајанов: Внесувањето на Бугарите во Уставот да биде според принципот на реципроцитет, односно да бидат признаени и правата на македонските граѓани во Бугарија

Не е спорно Хрватите и Црногорците да бидат ставени во Уставот, спорни се единствено Бугарите, бидејќи тоа го прават со уцени и условувања, истакна претседателот на Демократскиот сојуз – Павле Трајанов, на денешната прес-конференција во Собранието.

„Нашиот став е доколку се пристапи кон промените, тие треба да бидат согласно принципот на реципроцитет, односно да бидат признаени и правата на македонските граѓани во Бугарија“, рече Трајанов.

Тој беше дециден дека нема да дадат поддршка за промена на Устав без реципрочност.

„Веројатно целта на Бугарија е да покажат дека во Македонија има Бугари. Не сакам да го користам тој збор – бугаризација. Уставните промени веројатно ќе започнат. Тој процес ќе е тежок и сложен“, оцени тој.

Во однос на референдумот за Преговарачката рамка што го најавува ВМРО-ДПМНЕ, Трајанов рече дека сѐ уште не се дефинирани прашањето и датумот на одржување и затоа како партија имаат „сериозни резерви“.

„Има многу дилеми и прашања и затоа имаме сериозни резерви околу референдумот, наш став беше да се одржи референдум доколку Парламентот донесе консензуална одлука ‘за’ или ‘против’, меѓутоа тоа не се случи. Ова е поединечно барање на ВМРО-ДПМНЕ, но и тие сѐ уште немаат дефинирано некои прашања“, изјави Трајанов.

МИА

- Реклама -