„Демократскиот сојуз останува на својот став во врска со уставните измени, односно за внесување на Бугарите во Уставот на земјата да се побара реципроцитет со признавање на правата на Македонците во Бугарија“, изјави денеска пратеникот и претседател на партијата – Павле Трајанов.
„Апсолутно не сум против Бугарите во Македонија. Бугарите во Македонија ги уживаат сите права како и другите етнички заедници независно што не се вградени во Уставот, но тоа треба да се одвива врз основа на реципроцитет. Бугарија мора да подаде рака да го признае постоењето на македонскиот народ, нашиот автентичен македонски јазик и, се разбира, да направи мал чекор – да дозволи формирање на македонски културни друштва во Бугарија“, рече Трајанов во одговор на новинарско прашање по презентацијата на Предлог закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција.
Според него, сега има шанса судот во Бугарија да го регистрира Културниот дом на Македонците „Никола Вапцаров“ во Благоевград, кој беше распуштен со одлука на локалната администрација.
„Тоа би била добра основа да се променат работите. Или, едноставно, претседателот на државата Радев да даде изјава дека ги признава Македонците како посебен народ, автентичен итн. Тоа би било промена, би настанал историски пресврт во односите помеѓу Бугарија и Македонија“, смета Трајанов.
Според кого, доколку имало поголем консензус околу т.н. „францускиот предлог“, одредени работи можеле да се сменат.
„Еве, меѓу другото, тоа го разговарав и со претставници на ЕУ, барав да стои како што е во преговарачката рамка за Албанија – македонскиот јазик да биде службен, официјален после приемот на Македонија во ЕУ. И за тоа не обезбедивме консензус. Сето ова што зборувавме таму дека стоело. Таму стои дека преводот на сите документи ќе се врши на македонски јазик, но со право Бугарија или Македонија да дадат посебна изјава. Така што и тоа не е решено. Не сакам сега да ја пролонгирам расправата околу тоа зошто не е вграден македонскиот јазик во преговарачката рамка. Затоа што некој барал таму да има двојазичност, а за тоа немало консензус во рамките на ЕУ“, изјави Трајанов.
Извор: МИА