Изминатиов викенд беше првиот со погодни временски услови од сезоната на искачување на Хималаите. Бројни експедиции тргнале кон највисокиот врв на светот, Монт Еверест, но една од нив не се вратила. Тројца планинари се мртви, а двајца се водат за исчезнати.
Петмината планинари биле дел од истата експедиција, којашто успеала да стигне до врвот на светот, во викендот кога преку 150 планинари тргнале во искачување, по долгите недели исклучително лоши временски услови. Но, при враќањето започнале да беснеат ветришта со огромни брзини, оддувувајќи најголем дел од снежната покривка во „смртоносната зона“ (пределот над 8.000 метри надморска височина), што се случува многу ретко.
Се верува дека тројцата планинари за кои е потврдено дека се загинати (Германецот Еберхард Шаф, Канаѓанецот со непалско потекло, Шрија Ша и Кореецот Сонг Вон-бин) пострадале од напад на висинска болест и истоштеност од силните воздушни струи што го отежнуваат движењето. Исчезнатите планинари (кои е многу веројатно дека веќе се загинати) се еден кинески државјанин и неговиот водич Шерпас.