Има само 26 години, ама Тони Гринхенд („Зелена рака“) го сметаат за шампион во уметничко ролање на џоинти. Покемони, популарни суперхерои, птици, диносауруси… не постои нешто од што Тони не може да направи верзија што се пуши.
Гринхенд не бил отсекогаш така добар со џоинтите. Неговиот прв обид, како тинејџер додека живеел во рурален Вашингтон (државата), бил комплетна катастрофа. Требало тоа да биде стандарден конусовиден џоинт, ама како последица на премногу плунка на ризлата, излегол комплетно деформиран. Тони се сеќава дека се чувствувал комплетно понижен, но како и секој голем шампион, не дозволил неуспехот да го запре. Веќе следниот ден купил кило трева и го поминал целиот викенд ролајќи. До недела навечер веќе комплетно го имал совладано стандардниот џоинт, но тоа е само почетокот.
Откако го напуштил средното училиште, Тони поинтензивно се инволвирал во подземниот бизнис со марихуана, а репутацијата на неговите перфектно свиткани џоинти ќе го прослави меѓу одгледувачите на маригуана. Тони, пак, ќе почне да експериментира и со покомплексни форми, а првата некласична креација му била „неспектакуларна“ ракета. Но набрзо, Тони веќе прави џоинти во форма на алигатори и змејови. Негов пријател ќе го запознае и со сајтот Reddit, а светот конечно ќе дознае дека постои такво нешто како „уметничко ролање на џоинти“.
Благодарение на онлајн фотографиите од неговите дела, еден куп магазини за марихуана ќе се обидат да стапат во контакт со Гринхенд, а дури да се свести, тој веќе станал професионален виткач на џоинти.
„Тоа што е Моне за импресионизмот, Тони е за уметноста на ролање на џоинти“, вели Бери Бард – консултант за канабис од Денвер, Колорадо.
Тони има правено џоинти за неколку ѕвезди, меѓу кои и за раперот B.o.B., како и за B-Real од Сајпрес Хил, а прави и за секој што ќе му порача онлајн. Зезнатиот дел е доставата, бидејќи многу од државите не сакаат да им се моткаат џоинти по пошта. Клиентите се приморани да се сретнат со Тони директно во Орегон, да му платат да дојде кај нив или едноставно да купат празни смотани ризли кои потоа сами ќе ги наполнат.
Гринхенд вели дека наплатува 50 долари на час, барем за едноставните „уметнички дела“ за кои му е потребно помалку од еден час за да ги направи. За комплексните креации, пак, цената знае да биде многу повисока; така беше и со сетот од пушливи мини-оружја, кој го продаде за 7.000 долари, што е и неговата најголема зделка. Сепак, Тони продавал џоинти по повеќе од 1.000 долари и порано. Зад сето ова се крие вистинската заработка која Тони не сака да ја соопшти. Единствено признава дека е „доволна за удобен живот“.
Рекреативната марихуана е легализирана во четири американски држави, што значи дека тоа што Гринхенд го прави е нелегално во сите останати 46 (американски) држави. Ама Тони не е загрижен.
„Ако се фокусирав на целото тоа срање, немаше никаде да стигнам. На крајот на краиштата, не повредувам никого. Можеби следно ќе направам џоинт од 5 кила, ок? Или можеби од 7 кила. Ќе го испушат и вака и така. А се кладам дека јас можам да го испушам пред било кој да дознае за тоа… Кој друг може да се пофали дека рола џоинти за живот? Дури ни мене не ми звучи реално кога го кажувам на глас.“
Па… По сé изгледа, поуката од приказната е: ако ти се прави нешто, прави го. Вратите сами ќе ти се отворат, колку и да е патот апсурден.