Пијан човек е храбар човек. Таков бил и Џо Швасти, тогаш 23-годишен младич во пикот на љубовта кон румот, и со чувство дека го има светот на дланка. Две-три испиените чашки, моментот дека со платата не може да си купи ни зрно своја земја, и глобусот што стоел како украс на шанкот, му родиле идеја да го освојува Гренланд. Имало само еден проблем – Гренланд е на Данска. Ама ете, 4-5 чашки рум подоцна, Џо се решава да им го побара. Па им пишал писмо (вика дека иако бил пијан, многу пазел на печатните грешки: „Хеј, сепак праќав писмо до држава!“). Во насловот: „Го користите ли Гренланд?“
„Хеј, здраво
Се викам Џо, имам 23 години, и јас и мојот пријател сме во потрага по земја што ќе биде наша. Е сега, бидејќи сме млади, сакавме да почнеме со нешто мало, и сакавме да сме сигурни дека поранешниот сопственик на таа земја/држава ќе биде океј со тоа. Не сакаме да згрешиме и да ја дотераме таа фина земја во пропаст.
Не дека немаме менаџерско искуство! Не од размер на држава, но… Помало, покомплицирано менаџирање. Јас ЛИЧНО имам надгледувано над 5 луѓе во теко од неколку години, во еден од најголемите 50 американски комерцијални добавувачи. А мојот пријател, исто така, ја поседува харизмата и храброста потребни да се биде ковладетел на Гренланд.
Да не ви одземам време, сигурен сум дека Данската империја има поважни нешта од тоа да средува мали детали како тоа кој ќе ја добие која земја. Па, ако добро размислите, ние со ова ви правиме услуга. Едно грижа помалку за фините луѓе од Данска!
За возврат, ако Гренланд ни е по ќеиф, волен сум да ви подарам автограм од Хју Томасон (да, ТОЈ Хју Томасон *од The Outlaws), неколку лименки „Surge!“ (газиран пијалок) кои ги собирам од ’90-тите, и сите броеви на (списанието) Rolling Stone, НО САМО ОТКАКО ЌЕ ГИ ПРОЧИТАМ. Океј, Данска?
Можеме да се менуваме и со XBOX игри. Ја имате ли Titanfall? Тоа би било топ. Слушам добра била.
Ви благодарам за двата и кусур милиони квадратни километри земја однапред. Стварно ќе ни значи. Ако ви треба да ме контактирате, можете истото да го направите на мејлов.
Со среќа со империите! Џо“
. . .
Да не му врателе, Џо веројатно уште следниот ден ќе заборавел што правел претходната вечер. Но ете, следниот ден добил мејл од данското министерство за надворешни работи:
„Драг 23-годишен Џо.
Благодариме за мејлот.
Ни се допаѓа фактот што сонуваш за големи нешта. И никогаш не знаеш, можеби еден ден соништата ќе се остварат.
Но што се однесува до тоа да ти го дадеме Гренланд, не е можно. Ама фала што праша.
Но можеби треба да почнеш со нешто помало.
Еве работа во Гренланд каде бараат некој што ќе ги учи децата Англиски:
*линк*
Тоа можеш да бидеш ти!
Или можеби само прочитај повеќе за Владата на Гренланд:
http://naalakkersuisut.gl/en
Со среќа во потрагата по соодветна земја.
Сé најдобро
МИНИСТЕРСТВО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ДАНСКА“
Е ја речете сега дека данското МНР не е кул, да ве видам.