Типот што ќе се самолансира со ракета за да докаже дека Земјата е рамна

Mad Mike Hughes (кој соодветно ќе го викаме Луди Мајк) е подготвен да полета со својата ракета од пустината Мохаве во сабота. Тоа ќе му биде сефте возење и обид да докаже дека Земјата е рамна.

Некогаш одамна, имало и реална причина да се верува дека Земјата е рамен диск, бидејќи толку се знаело. Денес, пак, рамноземјашите главно се водат од богата палета на теории на заговор. Оттаму, често се мотивирани да прават… чудни експерименти. Таков беше типот што се качи со васер-вага во авион, а еве сега и Луди Мајк.

Мајк ја конструирал ракетата во својот двор, главно од стар метал, а планира да ја искористи за да се лансира 549 метри во воздухот и да сними доказ дека Земјата не е топка. Како што рековме, летот ќе се изведе во пустината Мохаве, но ќе биде само првиот од серијата лансирања со истата цел – да се покаже дека живееме на рамен диск. „Доста беше, време е да ја уништам теоријата за планетата топка“ – го парафразираме Луди Мајк.

https://youtu.be/KP1VBisokkk

Подоцна во видеото, Хјуз објаснува дел од основите на теоријата за Рамната Земја. Прво, дека NASA е контролирана од Масоните, како и дека Илон Маск прави лажни ракети. „Тргнете од тоа дека и Џон Глен и Нил Армстронг се Масони. Штом еднаш ќе го разберете тоа, почнувате и да ги сфаќате корените на измамата“.

По малку одолговлекување, Луди Мајк зборува и за лансирањето. „Ни треба човек што не е компромитиран од владата. А ти можеш да бидеш тој човек“, вели нараторот, повикувајќи ги слушателите да „го поддржат“ проектот на Луди Мајк.

Мајк не верува во наука

Мајк е долгогодишен аматер-инженер. Со ракетата ќе полета од „мобилна ракетна лансирна рампа“, како што го нарекува модификуваниот трејлер со кој ќе се одвезе до пустината. Ракетата е делумно финансирана од други рамноземјаши и негови поддржувачи, преку интернет платформите за фундирање.

Во меѓувреме Луди Мајк работи на модификување на ракетата за што пооптимални резултати. Веројатно така ќе биде до сабота, до самото лансирање, без да има време за проба.

Тоа може да е проблем, бидејќи Мајк и самиот признава дека баш и не знае многу многу околу конструирање ракети. „Не верувам во наука“, вели. „Знам за аеродинамика и динамика на течности и како објектите се движат низ воздухот, за ракетни издуви до одредена големина и за погон. Но тоа не е наука, тоа е само формула. Нема разлика меѓу науката и научната фантастика“.

Му посакуваме среќа и се надеваме дека нема да биде премногу шокиран ако открие дека Земјата сепак не е рамна, под услов да преживее до тогаш.

- Реклама -