Внимание: Оваа епизода ќе изобилува со неофицијални информации од доверливи извори, кои ќе почнат да стануваат официјални кон крајот на оваа година.
Конечно убав McLaren автомобил за кој не треба да платите милион евра и да се правдате дека не е убав, ама е функционален и брз. Рака на срце, ни 720 S не е некој убавец, но е перфектен GT со неверојатни перформанси. Сега, кога некако се навикнавме на нападната појава на McLaren Senna, време е да продолжиме понатаму.
Најмалото, но најубавото, конечно си доби ознака Long Tail и темпераментен карактер, и мене навистина ми се допаѓа. Што е ново во однос на “стандардниот” 570 S? Според таборот од Вокинг, цели 23%. Ја имаат статистиката во малиот прст, нема што.
За да го оправда името Long Tail, автомобилот е подолг за 74mm во однос на 570 S. Океј!? Стандардната суспензија е заменета со многу поцврста и тркачки ориентирана, а не се штедело ниту на карбон фибер, па автомобилот е цели 96 килограми полесен од својот поцивилизиран брат. За беспрекорен контакт со подлогата се грижат супер лепливите Pirelli Trofeo R, кои во претходниот живот ги возеше “семоќниот” P1. Бројот “600” алудира на 600 коњски сили, односно 30 повеќе во однос на 570 S. Доколку имате вишок средства, програмата MSO ви овозможува да ги замените седиштата со оние од Senna, кои се последниот збор на технологијата и тежат само 5 килограми! Но, она што е најинтересно за мене е генијалното решение за системот за издувни гасови. Како што можете да видите подоле на сликата, издувните цевки се поставени во вертикална насока. Зошто е тоа така?
Во принцип, пократки цевки, помала маса. Засега, автомобилите од спортската серија на McLaren не се опремени со активна аеродинамика (истото важи и за 600 LT), но токму вертикално поставените издувни цевки и статичното задно крило прават еден интересен “аеро-хак”. Како што можете да забележите, во средината на крилото има закривување, односно “пат” за врелите турбулентни издувни гасови, кои создаваат притисок на крилото, и притоа го туркаат автомобилот надолу, односно се создава ефект кој наликува на мини ракетен погон.
Што се однесува до перформансите, и тие спаѓаат во оние сосема нови 23%. Додуша моторот е истиот 3.8 литарски V8 битурбо, но е засилен до 600 коњски сили и 620 Nm. Нови се држачите на моторот, кои се многу поригидни и нудат многу побучно возачко искуство, но и издржливост. Од мирување до стотка, 600 LT забрзува за 3 секунди, а достигнува максималната брзина ја преминува границата од 330 километри на час.
Заклучок: Зошто би платиле милион евра за Senna, кога најмалиот и најубавиот McLaren, сега е многу подив, побучен, подобар на тркачките патеки и чини само 210 илјади евра!? McLaren 600 LT ќе има официјално деби на Goodwood Festival of Speed.
Top secret Lamborghini LP48H
Пред да ве нападнам со строго доверливи “шпекулации”, неофицијално, Lamborghini Aventador SVJ го собори рекордот на Porsche 911 GT2 RS на патеката Нурбургринг Нордшлаифе, за околу две секунди. За оние што не се во тек, Porsche 911 GT2 RS е официјално најбрзиот сериски автомобил во светот околу таа патека со време по круг од 6:47.3.
Lamborghini се решени да се искачат на автомобилскиот Олимп, и да направат хипер автомобил. Традиционално, секогаш пред да извадат нов автомобил и нова шасија, Lamborghini не честат со специјален “транзициски” автомобил. Се сеќавате кога Reventon се појави како транзиција помеѓу Murcielago и Aventador. Анонимен извор, кој воедно е и VIP клиент на италијанскиот производител, ме просветли дека на приватен ивент му било понудено да уплати депозит со цел да се најде на листата на привилегирани. Привилегираните ќе бидат вкупно 63 на број, што значи дека најдоброто Ламбо ќе биде во лимитиран број. За тоа како ќе изгледа, анонимниот извор беше резервиран, но ми стави до знаење дека LP48H ќе има многу сличен дизајнерски јазик со концептот Terzo Millennio, за кој може да прочитате во епизода #73. Следува најинтересниот дел. Буквата “H” во работното име LP48H, стои за хибрид. Да, за првпат, додуша со мало задоцнување, ќе видиме хибридно V12 Lamborghini. За нештата да бидат појасни, Aventador SVJ преку својот атмосферски напојуван V12 ќе испорачува околу 800 коњски сили. Теоретски, кога тој агрегат ќе го ставите во симбиоза со еден или два електро мотори, кои би испорачувале околу 100 (можеби и повеќе) коњски сили, математиката е јасна.
Да ги монтираме овие агрегатски единици на ултра лесна и ригидна шасија, направена од нивниот уникатен карбонски композит, многу активна аеродинамика ALA (Aerodinamica Lamborghini Attiva), систем за ротирање на тркалата на задната оска. Да зачиниме со неверојатен дизајн, за кој Lamborghini се експерти, и најдобриот автомобил на Lamborghini е роден. На сите ни се добро познати специјалните автомобили на Lamborghini од минатото, Reventon, Veneno и Sesto Elemento. Како ќе го наречат новиот разјарен бик, незнам, но знам дека ќе чини околу 2.5/2.7 милиони евра, пресметка направена врз база на депозитот кој анонимниот извор го има уплатено. Да нема забуни, анонимниот извор никогаш не ми рече да не кажувам за тоа што ми го кажал. Напротив…
Мини Valkyrie
Велат одмаздата е најслатка кога се сервира жешка. Искрено, незнам, но знам дека Макс Ѕвај и Јерг Рос, поранешни вработени во Ferrari, кои сега работат за Aston Martin сигурно ќе знаат. За што се работи?
Овие двајца ликови, заедно со уште еден кој сакал да остане анонимен, поради X причини “пребегале” во Aston Martin. Сите тројца работеле на развивање на моделот 488 GTB/Pista, и биле одговорни за иновации и материјали и мотори. По “некоја” случајност, најголемата желба на Енди Палмер (CEO на Aston Martin) е да направи автомобил кој ќе биде директен конкурент на Ferrari 488 и McLaren 720 S/570 S. Тимот е составен, а на остварување на желбата се работи на со полна пареа.
Автомобилот ќе биде има мотор поставен во средината, а во фокусот се два агрегати: атмосферски V12 без хибридна помош или мерцедесовиот V8 4.0 твин турбо, кој ги придвижува моделите Vantage и DB11. За правењето на шасијата се вмешани дури и луѓе од Aston Martin RedBull Формула 1 тимот, кои ќе работат рамо до рамо, со тимот кој има работено на Valkyrie. Неименуваниот Aston Martin ќе се појави во 2020 година.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.