Throttle/Brake – епизода 77: Најголемата ѕвезда во Женева – Rimac C2

Ајде да замислиме дека саемот за автомобили во Женева, беше доделување на Оскарите (Academy Awards), а автомобилите и произведувачите беа актери и филмски остварувања. Кој ги собра златните статуетки? Во конкуренција на Bugatti, Koenigsegg, Porsche и Ferrari е исклучително тешко да се биде виден, но Мате Римац од Хрватска и неговиот брилијантен електричен хипер автомобил го украдоа шоуто. Нејсе, ѕвездата на саемот во Женева беше Rimac C2, кој наскоро ќе добие “прифатливо” име со алегорична одредница.

Rimac C2 (сеуште се водат преговори за новото име)

Сигурно се сеќавате на првенецот на Мате, Concept One. Тоа е електричниот супер автомобил кој ги понижи Ferrari, Porsche и Bugatti, и му покажа на светот дека иднината ќе се мери во киловати. За тие со помала меморија, Concept One е автомобилот со кој Ричард Хамонд од The Grand Tour (поранешен домаќин на Top Gear) имаше сериозно излетување во Швајцарија. Во меѓувреме работите во автомобилскиот свет се сменија, и на сцената стапија нови титани. Bugatti постави нови стандарди со Chiron, Koenigsegg постави нов брзински рекорд, а AMG и Aston Martin Lagonda (кои се соработници со Rimac) го прават “невозможното”, па Мате (Rimac Automobili) реши да оди еден чекор понатаму и да им се спротистави на сите, вклучувајќи ги и Tesla.

Rimac C2 е целосно електричен хипер автомобил чие производство ќе почне во 2019 година, а првите автомобили ќе можеме да ги видиме на улиците во 2020. Планираното производство е 150 примероци, што е значаен прогрес ако се земе фактот дека претходникот (Concept One) беше произведен во осум примероци, од кои се останати само седум. За разлика од својот претходник Concept One, “двојката” ќе биде многу побрз, поудобен, посовремен (автономен) и поскап автомобил. Ќе започнам од делот на перформансите. Под хаубата, или подобро речено позади тркалата се наоѓаат четири електрични мотори (за секое тркало по еден) кои се напојувани со силата на новата 120 Kw батерија која лежи во средината на автомобилот, под кабината. Прецизната распореденост на најбитните и најтешките компоненти резултира со перфектна распореденост на масата (50:50) и низок центар на гравитација поради батеријата која е практично под автомобилот долж широката средина. Подгответе се за бројките! Четирите мотори произведуваат сила која е еднаква на 1914 коњски сили, и го туркаат автомобилот со неверојатни 2300 Nm. Овие бројки се доволни C2 до стотка да забрзува за 1,85 секунди. Да, 1,85! Максималната брзина засега е лимитирана на 412 километри на час. Со такво забрзување, на кого му треба максимална брзина. За време на NEDC тестовите, C2 со едно полнење на 120 киловатната батерија поминал 650 километри, или повеќе од било кој денешен бензиски хипер/супер автомобил. Импресивно. Во случај да не се чувствувате сигурно со овие неверојатни перформанси, не грижете се, бидејќи C2 ќе ја преземе контролата на возилото во свои “раце”. Буквално! Автомобилот располага со автономен режим на управување (левел 4). За нештата да бидат појасни, левел 5 автономен режим е кога автомобилите воопшто немаат управувач! Но она што мене ми стави насмевка на лицето, е модот за тркачките патеки. Значи, одите со вашиот Rimac C2 на некоја Х тркачка патека, го спуштате фајлот од таа патека во вашиот автомобил, и пред вас се појавуваат идеалните траектории на таа патека, односно линии во различни бои кои ви индицираат каде и колку да запирате, каде да се движите и каде да забрзувате. Очигледно е дека некој во Rimac Automobili е голем фан на тркачките видео игри.

Голема новина е карбонскиот монокок и целосно карбонска шасија (рамка). C2 располага и со целосно нова и навистина комплескна активна аеродинамика. Насекаде можете да забележите засекувања и отвори, па дури во хаубата има активни флапсови (оние мали крилца на авионските крила што се дигаат и спуштаат) кои ја подобруваат стабилноста на предниот дел. Целиот воздух кој струи низ овој автомобил е наменет да биде во полза на аеродинамиката. Сопирачките (карбон-керамички) се ладат на генијален начин. Целата кинетичка енергија која се ослободува при сопирањето оди во батеријата и на тој начин сопирачките се секогаш свежи.

Нов целосно карбонски монокок и шасија за C2.

На автомобил со вакви перформанси и Џејмс Бондовски футуристички помагала, му прилега и таков ентериер. Овој пат, луѓето од Rimac се погрижиле C2 добие футуристички/елегантен луксузен микс, со огромен централен дисплеј, на кој дури и Bugatti Chiron може да позавиди. Во кабината преовладуваат само четири благородни материјали: карбон, билет алуминиум, кожа и алкантара. Најфраерскиот детал во овој автомобил е интерфејсот со лицето на Ричард Хамонд, херојот на Rimac Concept One. Во задниот дел под поклопецот, каде што би требало да е сместен моторот, се наоѓаат две кациги и еден апарат за гасење пожар, на кој што пишува да се користи во случај на ридско-планинска трка. Навистина генијален и духовит омаж од страна на Rimac кон Ричард Хамонд и несреќниот случај.

Внатрешноста на Rimac C2.

Главниот и природен ривал на C2 ќе биде Tesla Roadster 2. Од фабриката најавија слични перформанси и многу пониска цена, но нешто ми кажува дека финалниот производ ќе биде на многу пониско ниво од C2.

Пишувајќи го текстов, постојано се прашував, кога би имал милион и нешто евра за автомобил, зошто не би го купил Rimac C2? Прво помислив на инфраструктурните пречки, но целиот свет забрзано се адаптира кон електричните автомобили. Потоа низ глава ми проаѓаа слики од Bugatti Chiron, модели на Koenigsegg, и многу други супер и хипер автомобили. Одговор сеуште немам, бидејќи Rimac C2 е најдобриот хипер GT досега.

Во рамките на овогодинешниот саем за автомобили во Женева, би ги издвоил следниве оскаровци: McLaren Senna GTR, Porsche 911 GT3 RS 991.2, Bugatti Chiron Sport, Aston Martin Valkyrie AMR Pro, Ferrari 488 Pista, Lamborghini Huracan Performante Spyder, Corbellati Missile, Jaguar I-Pace, Range Rover SV Coupe, Mercedes AMG GT four-door и Toyota Gazoo Supra.

Rimac C2 и Concept One.

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -