Throttle/Brake – епизода 75: Булит, Газо и Lister

Поминаа пет децении од легендарната бркотница по улиците на Сан Франциско, помеѓу Булит во неговиот Mustang и лошите во Dodge Charger. И зошто баш оваа сцена е култна?
Сме се изнагледале слични сцени во многу филмови, но само Стив Меквин можеше да направи таква автомобилска магија во филм. За тие што живеат на некоја друга планета, Стив Меквин беше и ќе биде еден од најголемите фраери и стилски икони во Холивуд и во светот. Возач на тркачки автомобили и мотоцикли, актер и режисер. Неговата љубов кон спортските автомобили ќе ја видите во скоро секој негов филм. Набрзина, неколку интересни факти за него:

• Пред да ја започне својата актерска кариера, Стив работејќи како механичар во Њу Јорк, му го поправа мотоциклот на легендарниот Џејмс Дин.
• Има работено како возач за бегство за банда која ограбувала банки.
• Станува почесен член на асоцијацијата на славните американски мотоциклисти.
• За потребите на филмот Le Mans, ја вози истоимената трка со Porsche 917 во боите на Gulf.

Стив Меквин (Булит) и зелениот Mustang GT 390 во истоимениот филм.
Стив во неговиот Jaguar XKSS.
Постер од култниот филм Le Mans со Стив Меквин.

Во негова чест, по повод педесет години од филмот, Ford реши да направи омаж на култниот зелен Mustang од 1968. Интересно е дека Стив го обожавувал автомобилот кој го возел во филмот, па решил да го купи, но никогаш не успеал. Благодарение на Ford, денеска секој може барем за момент да биде Френк Булит.

Ford Mustang Bullit, педесет години потоа.

Bullit е всушност Mustang GT од 2019, на кој се направени неколку кул промени. На пример, на (во) Bullit нема да видите ниеден Ford или Mustang беџ, има повеќе моќ од стандардниот Mustang GT, уникатна темно зелена металик боја, 19 инчни тркала, специјален издувам систем и шест степен мануелен менувач. Само мануелен менувач.

Лимитираниот Булит ќе биде достапен на лето со 475 коњски сили и 570 Nm кои ги произведува “зачинетиот” 5.0 литарски V8. Силата ќе се пренесува на задните тркала преку шест степен мануелен менувач, чиј шифтер е декориран со добро познатата бела топка, на која е гравиран распоредот и редоследот на брзините. Знаете, ситните детали прават еден автомобил да биде посебен. Максималната брзина ќе достигнува 263 километри на час, односно малку повеќе од стандардниот Mustang GT.

Внатрешноста на Bullit.

За разлика од претходните модели на Bullit, овој автомобил изгледа стварно кул. Внатрешноста е на едно друго ниво, со белата топка на менувачот и спортските Recaro седишта, а темно зелената боја со црните тркала во кои се наоѓаат Brembo сопирачки се перфектна комбинација.

Незаборавната бела топка на менувачот.

 

Bullit на пазарот ќе се нуди само во бои: темно зелената (Highland Green) и црна (Shadow Black). За цената и квантитетот на производство, сеуште нема информации, но онака грубо, очекувајте минимум сто илјади евра повеќе од цената за Mustang GT Premium (45.000 евра). Или едноставно, за многу помалку пари, направете си сами свој Булит.

Булит (1968) и Булит (2018).

 

Toyota Gazoo Racing Super Sport

Иако сум сеуште во неверување, Toyota отворено им се спротистави на Mercedes-AMG, Aston Martin и McLaren. Да се разбереме, не дека се сомневам и ја потценувам работата на јапонскиот гигант, но нивната летаргичност, ме натера да мислам и да бидам убеден дека Toyota никогаш нема да направи супер автомобил. И пред да речете било што, Toyota Supra не беше супер автомобил. Но, долгогодишното искуство и учество во Ле Ман, наскоро ќе вроди со плод. Браво за Toyota. И браво за нивниот нов спортски бренд Gazoo Racing. Бај д веј, кај и да е, ќе се појави и новата Supra, за која подетално пишував во #22 епизода. Да се вратиме на Газо.
По примерот на Mercedes-AMG, кои ја искористија нивната доминација во F1, и направија Формула 1 за на улица, Toyota реши да го искористи искуството во Ле Ман и да направи легален LMP1 автомобил. Незнам колку сте запознаени со работата на Toyota во Ле Ман, па еве едно кратко интро. Јапонскиот производител е еден од најконзистентните учесници во ова елитно натпреварување. Ле Ман е 24 часовна трка на истоимената патека, и е дел од календарот на WEC (World Endurance Championship). Еден од најпознатите “Ле Ман” тркачки автомобили на Toyota е GT-One. Ако на времето сте играле Gran Turismo, точно ќе знаете за кој автомобил се работи. Во 2016-та, новиот хибриден автомобил TS050, кој се натпреварува во најсилната група LMP1, со часови го водеше темпото пред конкурентскиот Porsche 919 Hybrid, но пред самиот крај поради низа несреќни околности, автомобилот на Toyota заврши на втората позиција. Лани, TS050 го извозе најбрзиот круг на патеката, но поради дефект не успеа да ја заврши трката.

Легендарната Toyota GT-One.
Toyota TS050 Hybrid.

Познавајќи ја финансиската и техничката моќ на јапонскиот гигант, факт е дека немаа никаква пречка за да го направат Super Sport и многу порано. Но, од сегашен аспект, факт е дека ја чекале оваа автомобилска револуција која се случува токму сега. А нивниот рецепт за многу брз хипер автомобил гласи: дериват на хибридниот 2.4 литарски, твин турбо 6, кој е позајмен од тркачкиот TS050 и лежи лонгитудинално во средината на автомобилот. На помош ќе има и електро мотори, кои ќе служат како DRS или перманентно. Ова “Ле Ман” срце ќе произведува 1000 коњски сили. Шасијата е истата како и кај тркачкиот автомобил, нормално со одредени модификации со кои автомобилот би бил легален за во сообраќај. Дури и аеродинамиката на Газо Super Sport е идентична со таа на својот тркачки брат TS050. За разлика од AMG и Aston Martin, кои што мораа да почнуваат се од почеток, работата на Toyota делува навистина полесна и ветувачка. Ви текнува на времето кога Mercedes и Porsche мораа да направат одреден број на легални автомобили за да можат да се натпреваруваат во групата GT1? Така се родија легендарните CLK-GTR и 911 GT1, кои за волја на вистината не беа ни малку побавни од своите тркачки браќа. Сфаќате дека Toyota е во блага предност? Истот го потврдува и шефот на Gazoo Racing, Шигеки Томојама, кој вели дека во иднина спортските автомобили ќе се раѓаат од тркачките, и нема да бидат само обични засилени автомобили. За крај, останува отворено прашањето, дали наскоро ќе видиме директен потомок на концептот Gazoo Super Sport? Многумина велат не, но јас велам да. Само почекајте официјално да се појави новата Supra, и AMG One и Valkyrie.

Super Sport без облека.

На саемот во Токио.

Lister Thunder

Деновиве некаде прочитав дека Lister сака да биде новиот ексклузивен тјунер на Jaguar, како што е AMG за Mercedes-Benz. Бидејќи Jaguar веќе има SVR оддел, многу поверојатно е дека Lister ќе бидат Brabus. Сигурен сум и дека тие (Lister) милуваат да имаат таква етикета. Што е Lister? Lister во педесеттите години од минатиот век, ги подготвувале автомобилите на Jaguar за трките на Ле Ман. Гледате, таа нивна децениска врска е сеуште силна. На почетокот на деведесеттите, малата фабрика од Кембриџ ги вложи сите напори и ресурси во својот првенец Lister Storm, Ле Ман автомобил кој имаше и хомологација да конкурира во секојдневен сообраќај. Storm своевремено го имал најголемиот мотор кој бил вграден во еден сериски автомобил, 7.0 литарскиот V12 агрегат позајмен од Jaguar XJR-9. И повторно Jaguar. Поради високата цена на производство, направени се само четири примероци од Lister Storm.
По 25 години пауза, Lister се повторно на сцената. Овој пат нивната креација се вика Thunder. Очигледно е дека Лоренс Витакер (CEO) е голем фан на временските непогоди.
Верувале или не, Thunder е педантно набилдан Jaguar F-Type, за кој само во првите 24 часа примиле порачки во износ од 3.1 милиони фунти. Камбек на ниво.

Прашање: Зошто би купиле Lister Thunder за 160.000 евра, а не Jaguar F-Type SVR од 124.000? Наједноставниот одговор ќе го добиете од некој кој поседува Brabus автомобил. Затоа што е подобар, поексклузиевен и побрз.

Lister Thunder е придвижуван од 5.0 литарски V8, со суперчарџер кој е сетиран да испорачува симболични 666 коњски сили. Факт е дека газда Лоренс е голем фан на темната страна. Како и да е, автомобилот од место до стотка забрзува за 3,2 секунди и има максимална брзина од 335 километри на час. Супериорни бројки во однос на 575 коњскиот F-Type SVR кој забрзува до стотка за 3,7 секунди и достигнува “само” 320 километри на час. Огромни брзини за таков ментален автомобил. Кој имал прилика да вози било каков Jaguar F-Type, знае за што зборувам. Освен под хаубата, Thunder има и други сериозни модификации. Целосно нова суспензија, со цел да се загарантира стабилноста и агилноста на “набилданиот” F-Type. Она што мене лично ми се допаѓа е внатрешноста и зелените светла (налик Dragon Fire од Game of Thrones), кои мистериозно продираат насекаде во тесната кабина. Lister беџови, напа кожа и карбонски кит, кој ќе ве чини дополнителни 23.000 евра. Сума сумарум, Lister Thunder е подобар автомобил од оригиналниот F-Type SVR.

Единствениот проблем е фактот дека компанијата Lister е мала, и со лимитирани можности. Не секаде ќе најдете дилер на оваа компанија каде што ќе можете да го сервисирате вашиот Thunder. Недостапно значи и многу поскапо. Олеснителна околност е дека Thunder има Jaguar ДНК. На крајот на краиштата, ако има Brabus и Alpina, зошто да нема Lister Thunder.

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -