Throttle/Brake – епизода 74: Дубаи и сé е можно: Devel Sixteen и Lykan Fenyr

Нова Година ѝ нови Throttle/Brake епизоди. Минатата година беше неверојатна за автомобилската индустрија и еден вид увертира за годинава, која ќе биде историска. Ќе видиме многу рекорди, нова генерација на хипер автомобили, многу струја и можеби и Porsche ќе не изненади. Оваа прва епизода во 2018-та, ќе ја започнам најекстравагантно што можам.

Од градот каде што важи девизата најголемо, највисоко и најскапо, пристигнува уште еден суперлатив, најмоќниот автомобил во светот. Или најбесмислениот. Времето ќе покаже.

Devel Sixteen

Мислевте дека Bugatti Chiron, Koenigsegg Agera RS и Mercedes AMG One се брзи и бесни автомобили? Запознајте го Devel Sixteen, автомобилот роден во Дубаи. Пред пет години, Devel Sixteen за првпат се појави како прототип, кој автомобилската јавност го гледаше низ призмата на научна фантастика. Денес, автомобилот чија моќ е скоро четири пати поголема од моќта на Bugatti Chiron е реалност.

Нормално, ќе започнам со моторот. Незнам како и зошто, но Devel Sixteen е придвижуван од (обратете внимание) 12.3 литарски, V16 мотор, или во превод, две залепени V8-ци од Корвета плус четири турбо полначи кои создаваат компресија од 36 psi. Оваа “машина” испорачува (пак обратете внимание) 5007 коњски сили и 4770 Nm на задните тркала. Не мора да се штипнете, добро читате, 5007 коњски сили. И знаете што? Луѓето од Devel, велат дека нивниот “бетмобил” ќе развива 563 километри на час без да пролее ниту една капка пот. Засега, официјалната максимална брзина е 500 километри на час. Да удриме математика… Ако Chiron со 1500 коњски сили може да оди до 480 километри на час, тогаш Sixteen со 5007?!

Лани имав прилика да го видам автомобилот во живо и е огромен. Доволен е само еден поглед, за да сфатите дека дизајнот, должината и широчината на Sixteen, се со цел да биде безобразно брз, но само на рамни делници. Не верувам дека некој би се поигрувал низ свиоците со овој “јапонски супер брз воз” на тркала. Како и да е, Devel Sixteen на хартија е најмоќниот и најбрзиот автомобил во светот. Од друг аспект, ова е автомобилот што ќе ги помести границите во супер спортскиот сегмент, како што тоа го направија Porsche 959, Ferrari F40 и McLaren F1 пред три декади. Тешко дека гигантите од Bugatti лесно ќе се помират со фактот дека некој во Дубаи направил автомобил што е скоро четири пати помоќен од нивниот величествен Chiron! А тој “некој” не е воопшто анонимус. Зад дизајнот на Sixteen, делумно стои тимот на Manifattura Automobili Torino, односно тимот кој ги има дизајнирано Apollo Intensa Emozione и SCG 003. Моторот или подобро речено “моторите”, се од Корвета, а идејата за автомобил со 5007 коњски сили е веројатно на некој кој се разочарал од Bugatti Veyron Super Sport. Внатрешноста е сеуште во експериментална фаза, минималистичка, со волан кој наликува на таблет. Ги забележувате ли издувните цевки (отвори) налик на борбените авиони, на задниот дел на Sixteen? Досега, најголемите издувни цевки кои ги имам видено, се оние на Nissan GT-R Nismo, во кои слободно влегува целата тупаница… Се обложувам дека просечна големина на глава, ќе влезе без проблем во издувните цевки на Devel Sixteen.

^ Она кога ќе се разочараш од перформансите на Bugatti. Прототипот на Devel Sixteen. 

Би сакал да споделам неколку броеви:

• 12.3 литарски V16 Quad Turbo (четири турбо полначи)
• 5007 коњски сили при 36 PSI (2.48 бари)
• 4770 Nm при 6600 вртежи во минута и 36 PSI (2.48 бари)
• 3006 коњски сили при 6900 вртежи во минута и 20 PSI (1.38 бари) – легален за сообраќај
• 3263 Nm при 6400 вртежи во минута и 20 PSI
• 81 милиметарски турбо полначи

Моторот на Devel Sixteen со четири турбо полначи.
Devel Sixteen со 3000 коњски сили.

Мислам дека заборавив да спомнам дека верзијата со 5007 коњски сили засега ќе можете да ја возите само на тркачките патеки, додека не се испита целата таа работа со 5007-те коњи. Но, како и да е, и со другите две “ослабени” верзии, вие сеуште ќе бидете најмоќниот во сообраќајниот метеж на Дубаи. Можете да си одберете автомобил за секој ден со 2000 и 3000 коњски сили. Цената??? 3 милиони, 5 милиони, 7 милиони?!

 

 

W Motors Fenyr Supersport

Се сеќавате на Furious 7, од франшизата “Брзи и бесни”? Филмот делумно беше локализиран во Абу Даби, каде сите погледи беа вперени во Lykan Hypersport. Егзотичен, скап и незнам колку брз. W Motors, либанската старт-ап компанија со седиште во Дубаи, има нов, и според нив, многу подобар автомобил. Го викаат Fenyr.

Lykan Hypersport во Furious 7.

За да имате представа каде му е местото на Fenyr, наједноставно ќе биде да кажам, дека овој уникатен супер автомобил е Pagani Huayra од Дубаи. Неодолив супер автомобил, кој нема секој ќе го разбира, поседува и ужива во него. Уметничко дело.

Исто како и претходникот Lykan, и новиот автомобил е развиен во соработка со Magna Steyr и RUF Automobile.
Дизајнот на Fenyr е несекојдневен и радикален за еден супер автомобил. Наместо глатки и префинети линии, дизајнот изобилува со остри линии и засекувања, кои го прават автомобилот да изгледа како да е налепен со блиндирани панели, односно отпорен на куршуми. Можеби изгледа робусно, но Super Sport е 200 килограми полесен (1340 килограми) од својот претходник. Оваа “диета” се должи на целосно новиот инженеринг на автомобилот и благородните материјали. Шасијата е целосно излеана од карбонски влакна, панелите се направени од мешавина од карбон и графин, а тркалата и издувниот систем се од алуминиум, односно јаглеродни влакна. Спортски ориентираната внатрешност е микс од карбон, префинета кожа и алкантара.

Внатрешноста на Fenyr Super Sport.

Што се однесува до перформансите, Fenyr е сосема различно животно од Lykan. Новиот автомобил е ориентиран на тркачките патеки. Да не заборавиме дека во внатрешноста на Fenyr чука срце на Porsche, односно на RUF, компанијата која ги модифицира моделите на Porsche. Срцето е боксер мотор, со шест цилиндри во ред, 4.0 литарски, твин турбо, кој испорачува 900 коњски сили и 1200 Nm на задните тркала. За разлика од претходникот Lykan, на кој поради својот секвенцијален менувач со една спојка, му недостасуваа Nm, кај Fenyr проблемот е решен со брилијантниот PDK менувач на Porsche со две спојки. Моторот се наоѓа во средината на автомобилот, па затоа распоредот на масата е 50:50 и возните својства се значително подобрени. Од место до стотка, Fenyr забрзува за 2,7 секунди и според W Motors, би требало да достигне брзина од 400 километри на час. Јас им верувам.

Се прашувам, дали W Motors се доволно зрели да бараат 1.8 милиони евра за нивниот најдобар автомобил? Или 3,4 милиони евра за Lykan? Знаете, мали фабрики, мало производство, чекање за сервис по неколку месеци и тн. Настрана автомобилот, за кој мислам дека е навистина добар, W Motors едноставно немаат педигре и традиција. Знам, и Pagani се мала фабрика која има слични проблеми, но Хорацио и неговата Zonda се еден друг свет. За разлика од Lykan, Fenyr ќе се произведува помасовно, односно ќе се прават по 25 примероци во година, што е одличен показател дека компанијата од Дубаи работи на својата иднина. До таа блиска иднина, за 1.8 милиони евра можете да возите Pagani Huayra, Porsche 918 Spyder, па дури и McLaren P1.

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -