Оваа епизода ќе биде специјална по многу нешта, но најмногу затоа што е 69 по ред.
Дали знаете кој е најбрзиот сериски автомобил во светот? Знам дека одма, како од пушка ќе речете Bugatti Veyron Super Sport, но ситуацијата на терен е малку поинаква. Имено, Џон Хенеси (тексашки тјунер Hennessy Performance), вградува 7.0 литарски, V8 твин турбо мотор со 1245 коњски сили во модифицирана шасија од Lotus Exige, и достигнува максимална брзина од 435,31 километри на час, во време кога “кралот” Bugatti Veyron Super Sport достигна “само” 431 километар. И така, големите корпорации, не би биле големи ако не ги диктираат правилата на игра. Па затоа, Hennessy Venom GT, најбрзиот сериски автомобил во светот, не може да биде најбрз, бидејќи биле произведени само 16 примероци. Добро…
Bugatti, со Chiron се повторно на врвот, докажувајќи се со Koenigsegg чиј автомобил е побрз (0-400-0). Испадна дека Koenigsegg Agera RS е побрз за скоро 5 секунди. Двајца се караат, Џон Хенеси користи. Додека Bugatti и Koenigsegg докажуваат кој е побрз до 400 километри на час, Hennessy Performance направија автомобил со кој сакаат да ја раситнат петстотката (500 километри на час), и тврдат дека автомобилот може да развие брзина од 483 километри на час! Запомнете го Hennessy Venom F5, затоа што многу ќе слушате за него во деновите кои доаѓаат.
Новиот Hennessy F5 не е Lotus Exige на стероиди. Се работи за целосно нов автомобил, со нова платформа и старо-нова визија да се биде најбрз. Платформата е конструирана во Hennessy Special Vehicles и е полесна и поцврста во однос на модифицираната Lotus Exige шасија кај Venom GT. На сликата може да се забележи дека F5 е значително понизок од претходникот, што значи помалку воздушен отпор, поголеми брзини и подобро забрзување. Моторот исто како и за претходникот е позајмен од Chevrolet, е и 7.0 литарски твин турбо V8, кој би требало да произведува околу 1500 коњски сили. Сега ќе речете, па што, и Bugatti Chiron има 1500 коњски сили? Да, има, но F5 ќе тежи 500 килограми помалку (1244 килограми), што е огромна предност за чистокрвниот американец. Моторот ќе биде сместен во средината, а силата ќе се испорачува на задните тркала. За разлика од Venom GT, F5 ќе се нуди со секвенцијален автоматски менувач со едно квачило (како кај Pagani Huayra), и мануелен за оние похрабрите. Работено е и на автоматски менувач со две квачила (double clutch transmission), но стрикната диета на F5 едноставно не може да си го дозволи тој луксуз. Hennessy F5 ќе има софистицирана активна аеродинамика за која повеќе ќе знаеме по 1-ви Ноември. Следуваат запрепастувачките бројки…
Од Hennessy тврдат дека F5 од место до стотка ќе забрзува за 2 секунди, и нема да престане дури ни по 483 километри на час. Дали е ова возможно? Од Bugatti велат дека сеуште немаат соодветни пневматици кои ќе ги издржат тие брзини и истовремено ќе служат за секојдневно возење. Фер! Но, F5 и не е баш расположен за секојдневно возење. Затоа, најлогично решение е два пара пневматици. Тврдењето на Bugatti дека сеуште нема пневматици соодветни за тие брзини и не е така точно.
^ На видеото: Ford GT достигнува брзина од 471 километри на час.
Дали Hennessy Venom F5 ќе биде најбрзиот автомобил во светот? Врти сучи, неговиот претходник Venom GT е најбрзиот. F5 е подобар, посилен, поинтелигентен и во подобра форма… Stay tuned.
^ На видеото: Промо видео за најбрзиот автомобил во светот.
Кинеско-италијанска (екс германска) егзотика на тркала: Apollo Intensa Emozione
За потребите на оваа епизода, автомобилов ќе го викам Apollo IE.
За тие што не знаат, Apollo порано беше од Германија и се викаше Gumpert, а Apollo беше еден од моделите. По крахот на Gumpert, во приказната се заплеткува Норман Чои, инвеститор од Хонг Конг, со амбиција да направи кинески Pagani, чие име ќе биде Apollo. Навистина амбициозен предизвик за некој кој вози Mercedes комбе (V класа).
Во 2019 година треба да се појави Arrow, новиот имиџ на Apollo. IE е само прекрасна тркачки настроена увертира во десет примероци.
Уникатниот и прекрасен дизајн е дело на 27 годишен студент, а Apollo IE го скоцкал дома, во својата дневна соба. Пред да започне да соработува со Apollo, бил соработник на McLaren. Главното упориште на IE ќе бидат тркачките патеки и агресивното возење, па затоа “непотребните” елементи се изоставени. Користени се само благородни материјали (карбон фибер) па не е ни чудно што шасијата тежи само 105 килограми, а целиот автомобил со сите течности 1250.
Норман Чои засега им кажа збогум на турбо моторите. Срцето на IE е модифициран атмосферски V12, позајмен од Ferrari F12, со вкупна моќ од 780 коњски сили. Инженерите од Apollo констатирале дека со оглед на масата на автомобилот, нема потреба од ниту еден коњ повеќе. Знаете, не е се во силата. Усогласеноста на сите компоненти е клуч за добар спортски автомобил. Имаме многу примери каде супер автомобилите се премногу моќни, па нивните перформанси се компромитирани поради пролизгување и неможност да бидат контролирани. Моќноста на 6.2 литарскиот V12 го забрзува IE од место до стотка за 2,7 секунди и до 335 километри на час. Германскиот Apollo беше познат како еден од најбрзите автомобили на светот. Кинескиот Pagani би требало да се докажува на тркачките патеки против Ferrari FXX K, Aston Martin Vulcan и Pagani Huayra BC. Apollo Intensa Emozione е навистина преубав егзотичен автомобил, на кој дури и Хорацио Пагани ќе му позавиди, но 2,7 милиони евра за автомобил експеримент? Извинете, заборавив да спомнам дека само издувниот систем на Apollo IE чини колку еден нов BMW M4!
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.