Throttle/Brake – епизода 68: Враќање во иднината – McLaren BP 23

Можеби не им оди баш најдобро во Formula 1 шампионатот, но на “приватен” план се и повеќе од успешни. Иновативни. А само што почнаа. Претходната недела го славеа петтиот роденден на P1, па решија целосно да запливаат во водите на иднината, но пред тоа да се случи, ќе му кажат збогум на минатото, со омаж на најдобриот автомобил на сите времиња, McLaren F1.

Автомобилот на сликите изгледа како камуфлиран 720S, но доволно е да ѕирнеме во кабината, за да ни стане јасно дека се спрема нешто вонсериско, со три седишта, каде што возачот ќе седи во средината. Како на времето McLaren F1, де!

Ако веќе го замислувате BP23 како јуриша на тркачките патеки, престанете, затоа што овој хипер автомобил ќе биде повеќе GT (Gran Turismo), а не тркачко оружје. Не дека ќе биде бавен, ама подобро замислете си Bugatti Chiron или Koenigsegg Regera со беџот на McLaren.

MSO (McLaren Special Operations) е оддел во McLaren каде се прават “специјални” автомобили, за специјалните клиенти. Овој (MSO) оддел има пет нивоа: MSO Defined (опремување на “стандардни” автомобили по вкус на клиентот, MSO Limited (лимитирани серии, 650S Le Mans), MSO Heritage (програма која се грижи за одржување и дотерување на постарите модели на McLaren, читај F1) и MSO Programmes, односно клуб за возачите на P1 GTR. Петтиот ешалон е MSO Bespoke. Не е тешко да се заклучи дека таму се (ќе) прават најексклузивните модели на McLaren, во кои ќе се вградува најсовремената технологија и најпрефинетите материјали. Исто така, ќе можете да ја реализирате и вашата визија (доколку ја имате) за McLaren, како што сторил анонимниот сопственик на X-1. Таму ќе се прави и BP23.

McLaren X-1, 1/1.
McLaren 650S Le Mans.

Официјално, со сила од преку 1000 коњски сили, BP23 ќе биде најмоќниот McLaren кој излегол од Вокинг. Ќе биде и најлуксузен. И најарродинамичен. Неофицијално, од место на мирување до 386 километри на час ќе забрзува со леснотија! Чекајте, нели и F1 имаше максимална брзина од 386 километри на час? Зарем и по 25 години ништо? Незнам како да ја протолкувам изјавата на првите луѓе од Вокинг, но тие Велат дека BP23 (Bespoke Project 2 with 3 seats) ќе биде најбрзиот McLaren досега. Најбрз од 0-200, до 300, на патека или ќе достигнува најголема максимална брзина??? Мое лично мислење е дека McLaren со овој хипер GT автомобил ќе се обиде да навлезе на територијата во која царува Bugatti Chiron. На што ја темелам оваа моја теза, ќе прочитате во продолжение.

Ќе бидат произведени само 106 BP23 автомобили. Зошто баш 106? Бидејќи се произведени само 106 McLaren F1 автомобили од 1992-1998 година. Иако се веќе распродадени, ќе напоменам дека цената започнува од 2,5 милиони евра па до бесвест.

Експериментален автомобил базиран на моделот 720S.

Експерименталната кабина со управувач во средина.

Ја гледате ли големата слика (фигуративно)? Не? Дозволете ми да ви го претставам McLaren P15, најекстремното легално тркачко оружје на McLaren. Најбрзиот McLaren досега! Чекајте, нели BP23 ќе беше најбрз? Ајде сега од почеток…

P15 своето деби ќе го има во Март, на саемот за автомобили во Женева. Се работи за хипер автомобил кој ќе биде фокусиран на тркачките патеки, и ќе биде најекстремниот McLaren досега. На истиот тој саем, во Женева, зад затворени врати, 106 среќници ќе бидат поканети да си ги конфигурираат своите BP23-ки. Значи, имаме P15 кој ќе биде најбрз на тркачките патеки, и BP23 кој ќе проба да ја мине границата од 400 километри на час. Јас повеќе милувам да кажам дека P15 ќе им се спротистави на Mercedes AMG One и Aston Martin Valkyrie, а BP23 ќе се проба во клубот “400+” со Bugatti Chiron и Koenigsegg Regera.

Официјален тизер од задниот дел и издувните цевки на McLaren P15.

Екстремистот ќе има околу 800 коњски сили, кои ќе бидат “извадени” од 4.0 литарскиот V8 турбо мотор, кој ќе биде позајмен од моделот 720S. Моторот ќе подлежи на низа корекции и ќе биде засилен со “bespoke” турбо полнач. Само за споредба, новиот мотор ќе има 70 коњски сили повеќе од 3.8 литарскиот кој се наоѓа во P1. Поради екстремното однесување на тркачките патеки, P15 нема да има хибриден погон. Ќе тежи помалку од 1300 килограми (со сите течности), и ќе има некоја комплицирана F1 аеродинамика за која се уште нема детали.

Ќе бидат направени само 500 примероци, а еден ќе се продава по багателна цена од милион евра. Навистина, живо џабе, ако се спореди со тоа колку чинат AMG One и Valkyrie.

Експериментален прототип на P15, базиран на 675 LT.

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -