Throttle/Brake – епизода 62: Убиецот на P1 и мал 918 – McLaren P15 и Porsche 960

Во Вокинг нешто се крчка… Деновиве во автомобилската јавност проструи информацијата за McLaren P15, и веднаш лавина од коментари и мислења. Едни веруваат дека ќе го видат наследникот на P1, а други пак мислат дека се работи за LT верзијата на 720S. Всушност, P15 е сосема нов хипер автомобил во линијата на McLaren, кој ќе биде фокусиран на тркачките патеки, а во исто време ќе биде легален за во сообраќај. За волја на вистината, шасијата и предниот дел на P15 се позајмени од 720S, а инспирацијата е од конкурентните Aston Martin Valkyrie и Mercedes-Benz AMG One. Да напоменам дека наследникот на P1 нема да го видиме до 2021 година. Што се однесува до McLaren BP23, кристално јасно е дека ќе биде хипер GT автомобил, односно конкуренти ќе му бидат Bugatti Chiron и Koenigsegg Regera. 750 LT? За три или четири години отсега. Значи, P15 е претставник на еден целосно нов сегмент. Дали McLaren ја менуваат својата политика во однос на моделите? Можно е, бидејќи најавија дека ќе не израдуваат со 15 нови автомобили до 2022 година.

Според Autocar, P15 ќе лежи на Carbon Monocage II, кој ќе биде позајмен од 720S. Ќе биде придвижуван од 3.8 литарскиот, V8 твин турбо агрегат, кој ќе испорачува околу 800 коњски сили. Автомобилот ќе забрзува од место до стотка за 2,5 секунди. Примарна цел на P15 ќе биде перформансот на тркачките патеки, па затоа автомобилот ќе нема хибриден погон и ќе биде ултра лесен. За споредба, McLaren P1 тежеше 1547 килограми, додека P15 ќе тежи помалку од 1300 килограми. Додадете ја најсовремената активна аеродинамика, направете проста математика и ќе видите дека P15 ќе биде побрз од P1, можеби и од P1 GTR, а ќе чини помалку од милион евра. Ќе бидат произведени само 500 примероци. Со вас ќе споделам една ексклузивна информација која засега ја знаат само најистакнатите клиенти на McLaren. Ќе има и P15 GTR, и ќе бидат произведени само 50 примероци. Тие што имале прилика да го видат автомобилот во живо, велат дека дизајнот на автомобилот е брутален, и дека каде и да погледнете, ќе забележите дека секоја компонента има своја функција. McLaren P15 официјално ќе биде претставен во Женева идната година.

Porsche 960

За сите што велат дека McLaren P15 нема да има конкуренција во новиот сегмент, Porsche има одговор. Гласините кои кружат наоколу за нов Porsche супер автомобил кој ќе седи помеѓу 911 Turbo S и 918 се вистинити. Во фабриката се работи на нов автомобил, со прав – хоризонтално поставен 3.9 литарски мотор со осум цилиндри и четири турбо полначи, кој ќе биде позициониран во средината. Ќе произведува околу 700 коњски сили и 800 Nm. Од место до стотка ќе забрзува за2,5 секунди, исто како и постариот брат 918. Автомобилот ќе има погон на сите четири тркала и ќе тежи помалку од 1400 килограми. Во план е и хардкор верзија, со погон на задната оска, во чиј фокус ќе бидат тркачките патеки. Тоа значи дека автомобилот ќе ја има ознаката GT, а многумина веќе шпекулираат дека ќе го носи бројот 3 (960 GT3). Јас не мислам така, бидејќи “GT3” е веќе зафатен за автомобил кој ќе седи подолу од 960. Ако Cayman е GT4, 911 се GT3 и GT2, логично би било хардкор верзијата на 960 да биде GT1. Од друг аспект, 960 ќе биде омаж на најдобрите тркачки денови на Porsche, па можеби затоа “GT1” ќе биде ставен повторно во функција. Познавачите на работата на гигантот од Штутгарт, лесно ќе препознаат дека Porsche 960 е омаж на култните 907 и 908, кои исто така биле придвижувани од правиот – хоризонтален мотор со осум цилиндри. Изминатиов временски период, односно од 918 Spyder па наваму, во Weissach сериозно се работи на создавање на ултра лесни компоненти и поефикасна аеродинамика, кои ќе бидат имплементирани во автомобилот кој ќе се појави во 2019 година, и ќе чини околу половина милион евра. Ајде малку да ѕирнеме во иднината на Porsche…

Се повлекоа од Le Mans серијата, работат на Mission E и на заменикот на 918 Spyder. Кога ќе ги анализираме и споиме овие три факти, може да шпекулираме дека новиот хипер автомобил на Porsche ќе го носи бројот 919, и сета хибридна технологија од победникот на Le Mans.

Пишува: Брацо Моралиќ

Сакаш уште Throttle/Brake?

- Реклама -