Throttle/Brake #56: Електричен оргазам: NIO EP9 – Кралот на Нирбургринг

Ех, бензиски автомобили…

Се започнува во 1828 година, кога Унгарецот Ањос Једлик прави електро мотор кој го вградува во еден мал автомобил. Во поновата историја, пионер е Toyota Prius. Грдиот хибриден автомобил, чии амбасадори беа безмалку сите еколошки и зелени движења во светот. Потоа на електро сцената стапи хипер амбициозниот Елон Муск со неговото првенче Tesla Roadster, и му светна дека електричните автомобили можат да бидат брзи, многу брзи.

Tesla P100D е моментално најбрзиот сериски автомобил во светот до 100 километри на час, кој од место до стотка забрзува за вртоглави 2,28 секунди. А оди на струја и е фамилијарен седан!? Хрватскиот Rimac им одржа лекција на LaFerrari, Porsche 918 Spyder и Bugatti Veyron. Ова што сслучи на 12-ти Мај беше сосема очекувано. Логично е да се запрашате како електричните автомобили се всушност толку брзи? Лаички речено, електричните автомобили немаат акција и реакција (воздух, гориво, искра и експлозија) туку само моментална акција, немаат големи и тешки мотори, немаат менувач, и што е најбитно немаат издувни гасови.

NIO е кинеска старт – ап компанија и нивното првороденче, електричниот хипер автомобил EP9 е најбрзиот легален автомобил на патеката Нирбургринг (06:45.900). Браво, прво па машко.

Во видеото: NIO EP9 на патеката Нирбургринг (06:45.900). 

Како се калеше рекордот на NIO EP9? Прво збор два за тоа како функционираат електричните супер автомобили. Замислете дека возите спортски автомобил… на пример Porsche 911 GT3 RS. Знаете дека моторот под хаубата би требало да ви испорача 500 коњски сили и 460 Nm. Не грижете се, ќе ви ги испорача, но не секогаш кога вие ќе посакате, затоа што постои нешто што се вика оптимален вртежен момент, и само во тие моменти на располагање ќе ги имате 500-те коњски сили и 460 Nm. Кај електричните автомобили такви моменти нема, па на пример 1360-те коњски сили на NEO EP9 ви се на располагање во секој момент. Кога и да го притиснете педалот за гас до крај, имате 1360 коњски сили и 1480 Nm влечна сила по електро мотор или 6334 Nm на сите тркала.

Пред неколку месеци и при неадекватни временски услови, EP9 ја заобиколи патеката Нирбургринг за 07:05.12 минути, со што стана најбрзиот електричен автомобил. Но, луѓето од NIO беа уверени дека нивниот првенец може многу повеќе. Нормално, автомобилот има на располагање 6334 Nm во секој момент. Под хаубата, односно под вратите во вид на прагови се наоѓаат срцата на EP9, огромните lithium-ion (NextEv) батерии, кои се менуваат за 8 и се полнат за само 45 минути. NextEv погонот испорачува максимални 1360 коњски сили или 1MW сила директно на тркалата. Секое тркало е приказна за себе. Четири тркала, четири електро мотори и четири менувачи, односно уреди за векторско распределување на влечната сила. Да, добро читате! Овие суперлативни бројки го забрзуваат EP9 од место до стотка за само 2,7 секунди и 7 секунди до 200 километри на час, а струјата ќе ја изгуби својата сила некаде околу 313 километри на час. Но нели, за да се биде брз на Нирбургринг е потребно многу повеќе од коњски сили. Целокупното тркачко искуство на NIO од Formula-e натпреварувањето е генијално преточено во EP9. Огромното задно електронско крило и аеродинамичниот пакет, генерираат двојно повеќе downforce од еден F1 автомобил. Шасијата и сите останати компоненти на електричниот бум се целосно направени од карбонски влакна, но поради џиновските lithium-ion батерии, автомобилот тежи 1735 килограми. Но, не заборавајте дека ова се почетоците на NextEv технологијата, а сите почетоци се тешки.

Батериите (NextEv) на NIO EP9.

И така, на 12-ти Мај, при идеални временски услови, кинескиот NIO EP9 управуван од Питер Думбрек го сврте Нирбургринг и вниманието на целиот свет за само 6 минути и 45 секунди. Ги победи големите бензинци Porsche 918 Spyder, Lamborghini Huracan Performante, и тркачите Radical SR8LM и Pagani Zonda. Но според нафтената мафија, Lamborghini Huracan Performante е сеуште најбрзиот сериски автомобил на патеката Нирбургринг, бидејќи се произведени само седум EP9-ки. Срамота. Како и да е, се повеќе ги засакувам, следам и верувам во електричните автомобили, бидејќи тие се иднината. Доколку сакате седан ја имате Tesla P100D. Ако сакате електричен Bugatti Veyron го имате Rimac Concept One. А електричен McLaren P1? Без двоумење, NIO EP9, и тоа за “само” 1,45 милиони евра. Made in China.

Автономниот (без возач) рекорд на NIO EP9 на патеката Америка.
Внатрешноста на NIO EP9.

Пишува: Брацо Моралиќ

 Сакаш уште Throttle/Brake?

- Реклама -