Throttle/Brake #52: Егзорцистот против демонот: Camaro ZL1 Exorcist vs Dodge Demon

Битка која трае од почетокот на светот…  Многупати се сретнав со најновото и најмоќно остварување на Dodge, но поради целата симболика на овој автомобил и мои лични убедувања, не сакав да пишувам за Demon. Сé досега! 

Hennessey Camaro ZL1 (The Exorcist)

Крајно време беше некој да им се спротистави на Dodge. Chevrolet како безгласни букви, ги подигнуваа рамената и заборавија дека токму тие треба да бидат најдобрите спортски автомобили на новиот континент, а не некој си “демон”. Тјунерската компанија од Тексас, Hennessey, будно ја следеа целата ситуација, и дојдоа до заклучок дека со позајмено Camaro ZL1 со 1000 коњски сили, ќе му ја затнат муцката на демонот. За потсетување, Hennessey е таткото на официјално најбрзиот автомобил во светот, Venom GT. 

Типично демонски, од Dodge сеуште нема официјални информациии за моќта на нивниот знаменосец, но бруталните 1000 коњски сили на Егзорцистот се доволни за да го прати демонот таму каде што припаѓа, во тотален заборав.

Егзорцистот го има истиот 6.2 литарски, V8 со суперчарџер од “нормалниот” брат ZL1, но благодарение на многу поголемиот суперчарџер, надграден интеркулер, агресивна брегаста осовина, тркачки глави и доработен ECU систем, испорачува максимални 1000 коњски сили и 1310 Nm влечна сила. Во превод, тоа се 350 коњски сили и 430 Nm повеќе од стандардното Camaro ZL1. 

Целата оваа моќ се пренесува на задните тркала преку стандардниот шест степен мануелен менувач или автоматски со десет брзини, за кој треба да скоро 10 илјади евра. Од Hennessey велат дека со стандардниот менувач, Егзорцистот до стотка ќе забрзува за помалку од 3 секунди, и ќе ги истрча 402-те метри за помалку од десет секунди. Ви текнува на култниот филм Fast and Furious и репликите за “Ten seconds car”? 

Доколку не сте задоволни со забрзувањето на Егзорцистот, за околу 9000 евра, на располагање имате специјални драгстер пневматици со широчина од 315 милиметри, кои ќе ве лансираат како чатал. Имате две опции како да стигнете до овој супер брз автомобил… Едната е да поседувате Camaro ZL1 и за 55 илјади евра да го претворите во The Exorcist, и втората е да го пазарите директно од Hennessey или Chevrolet дилер како готов производ. Ќе бидат направени само 100 Егзорцисти, не сметајќи ги оние кои ќе бидат преправани. Замислете, ќе добиете и гаранција од 2 години или 40 илјади километри. 

Dodge Challenger SRT Demon

Во пресрет на неговата светска промоција, Demon ги крие своите перформанси како змијата нозете. Видовме неколку тизери, од кои може да се заклучи дека Demon ќе биде многу побрз од Hellcat, полесен, најверојатно ќе има погон на сите четири тркала, и ќе милува да вози по драгстер пистите. Фановите на Dodge ширум светот, како будали се обидуваат да ги дешифрираат бројките од таблиците кои се различни во секој тизер. Еве, да им ги скратам маките, Demon ќе има 757 коњски сили, односно 800 со специјалното тркачко гориво од 100+ октани. 

Тајните кодови…
3.9 секунди од место до стотка? Не.

Кодот на Dodge Demon.

Сигурно се прашувате што мајка бара тежок автомобил како Dodge Demon на драгстер писта? Рака на срце, и Американците се опаметија. Железните површини на Hellcat се заменети со алуминиумски, односно карбонски. Звучи ветувачки. Од внатрешноста е извадено се што не е потребно, а ако сте сам во возилото, добро би било да го извадите и совозачкото седиште. Нели, се за перформанси. Драгстер пневматици, специјален систем за лансирање (launch control), со кој се испорачува многу влечна сила во секој момент, и тоа при само 1000 вртежи во минута. Технологија која е имплементирана од тркачките драгстер автомобили. Да ги разбијам и гласините околу забрзувањето до 100 километри на час. Demon до стотка ќе забрзува за точно 3 секунди. Час поскоро, маските на Dodge ќе паднат и вистината ќе излезе на виделина. Тогаш ќе дознаеме какви се шансите на демонот против Егзорцистот. 

Дотогаш, мојот влог оди на Camaro The Exorcist. Во суштина, целата оваа “Кодот на Да Винчи” драма околу Dodge Demon ми оди на нерви. Како и да е, 1000 коњски сили секогаш ќе бидат повеќе од 800. 

Пишува: Брацо Моралиќ

- Реклама -