Мечот меѓу Данска и Финска на Европското првенство во фудбал беше прекинат непосредно пред крајот на првото полувреме, откако на теренот ненадејно колабираше ѕвездата од средниот ред на Данска – Кристијан Ериксен.
Милиони фанови на фудбалот кои го следеа мечот останаа шокирани кога Ериксен без никаква видлива причина се спружи на теренот, за набрзо да сфатат дека работата е повеќе од сериозна. Во тоа помогна и несфатливата одлука на режисерот да го сними лицето на Ериксен одблизу, во миговите на најголема агонија.
Соиграчите од данската репрезентација брзо реагираа, особено капитенот Симон Кјаер, кој не дозволи Ериксен да го голтне јазикот, а потоа и ги повика соиграчите да формираат жив ѕид околу фудбалерот, за да му овозможат приватност додека медицинскиот тим се обидуваше да го реанимира. Дел од нив не можеа да ги сокријат солзите. Кјаер и голманот Каспер Шмајхел, потоа, во најтешките мигови, беа тие што се обидуваа да ја утешат сопругата на Ериксен, која се обиде да стигне до него, но беше спречена од обезбедувањето.
„Мечот од ЕУРО 2020 во Копенхаген е прекинат поради медицинска итност“, кратко соопшти УЕФА на Твитер.
Според последните информации од светските медиуми, сепак, при изнесувањето од теренот, Ериксен бил во стабилна состојба и притоа ја кренал раката отпоздравувајќи на фановите. На социјалните мрежи веќе кружи фотографијата, на која се гледа дека фудбалерот е во свесна состојба.
YEEES THANKS GOD. WARRIOR ❤️❤️ pic.twitter.com/A5WQfmOiMO
— Silas. (@silasthesilas) June 12, 2021