Џон Тери обелодени дека става крај на својата репрезентативна кариера поради упорноста на челниците на ФА да го казнат за наводното расистичко навредување на Антон Фердинанд за време на меч од ланската сезона.
Искусниот дефанзивец беше прогласен за невин во судскиот процес за овој случај, па затоа сега е крајно разочаран што претставниците на Фудбалската Асоцијација инсистираат и самите да спроведат постапка против него. Случајот треба да почне денеска, во утринските часови, а Тери синоќа обелодени дека во иднина нема да го носи дресот на „Гордиот албион“.
„Нејасно ми е како може ФА да инсистира на сопствена истрага за нешто за што судските власти ме имаат прогласено за невин. Сè повеќе ми се чини дека исходот на случајот против мене е познат уште пред да стартува, што го прави невозможно моето натамошно присуство во репрезентацијата. Ми претставуваше огромна чест и гордост да го носам дресот на националниот тим, уште повеќе што извесно време бев и капитен, им посакувам на селекторот Хоџсон и на фудбалерите многу среќа во иднина“ изјави Тери, кој во својата кариера настапи на 78 натпревари во англискиот дрес.