Темната приказна зад слоганот на Најк

Кога ќе го чуете слоганот на Најк, веројатно замислувате некоја спортска ѕвезда или некоја извонредно инспиративна успешна спортска приказна. Но, зад слоганот се крие прилично темна инспирација.

На неодамнешната Indaba конференција во Кејптаун, Ден Вијден – коосновачот на маркетинг агенцијата Wieden+Kennedy, ја раскажа вистинската приказна за раѓањето „Just do it“. Имено, слоганот е инспириран од последните зборови на еден убиец додека чекал да биде егзекутиран од стрелачки одред.

Во 80-тите, Wieden+Kennedy била задолжена од Најк, со цел да ја поврати контролата на пазарот од рацете на Рибок. Во 1988-тата, вечерта пред крајниот рок кога Вијден морал да ја презентира новата маркетинг стратегија пред шефот на Најк, тој се уште немал смислено слоган кој би ги поврзал сите аспекти од кампањата. А тогаш, како што објаснува за магазинот Dezeen, нашол инспирација на најчудното место.

Се сетил на човек од Портланд, кој постојано правел криминални дела насекаде низ земјата. Истиот тој човек бил фатен во Јута, откако убил маж и жена, и бил осуден на стрелање. Се викал Гери Гилмор и бил стрелан во 1977-тата. Последните зборови на убиецот? „Ајде, да го направиме ова“ – „Let’s Do It“.

gary-gilmore-ap[1]
Гери Гилмор пред судот.
Очигледно, овие зборови оставиле силен траг кај Вијден, кој ја подизменил реченицата во она што денес го знаеме како еден од најпознатите рекламни слогани на планетата. Шефот на Најк, Фил Кнајт не бил премногу воодушевен и наводно рекол „Не ни треба тоа ср*ње“. Но, Вијден успеал да го убеди, што до денес се покажува како многу добар потег за Најк. Неколку магазини ја имаат опишано фразата како „убедливо најдобриот слоган на 20-от век“.

Ете, инспирацијата навистина доаѓа од најчудните нешта.

- Реклама -