Темната материја редовно го брише животот на Земјата?

dark-matter-mass-extinction[1]

Откако е почнат животот на Земјата, се имаат случено пет големи масовни исчезнувања на живиот свет, кои се заслужни за истребување на 99.9% од сите видови што некогаш живееле на планетава. Постојат многу теории за тоа што ги причинува овие настани, но најпознатата и најприфатената е дека астероиди или други објекти од вселената удриле во Земјата и предизвикале масовно изумирање. Тоа учат и децата, дека така умреле диносаурусите пред 65 милиони години.

Научниците пак, не се целосно задоволни со таквото објаснување. Со оглед на тоа што астероидите преферираат да ја удираат Земјата во чудни интервали од 35 милиони години, веројатно постои некој помасивен вселенски објект што предизвикува некаков вид на домино ефект. Можеби е мистериозната Планета X? Можеби некои други комети со нестабилни орбити? Лиса Рандал и Метју Рис – астрофизичари од Харвард, сметаат дека вистинскиот виновник е темната материја. Според нивната теорија, постои густ облак од темна материја што се протега по централната рамнина на Млечниот Пат, облак кој може да предизвикува кометите, астероидите и другите вселенски тела да се упатуваат кон Земјата на „редовни“ интервали.

Научниците, општо, сметаат дека 85% од вкупната материја во универзумот е темна материја, што е прилично страшно со оглед на тоа дека ја немаме детектирано и не знаеме ништо за темната материја. Сепак, постои причина да се претпостави дека таа постои, бидејќи нешто мора да ги причинува чудните гравитациски ефекти кои ги среќаваме во движењата и брзините во Млечниот Пат и другите галаксии. Поконкретно во случајот на Рандал и Рис, тие веруваат дека диск од темна материја, дебел 35 светлосни години, ја пореметува траекторијата на големите астероиди и ги насочува кон Земјата. Нивната анализа врз големите импактни кратери на површината на планетата – широки и до 19.3 километри, а настанати во последниве 250 милиони години – сугерира дека веројатноста овие удари да се предизвикани од темната материја (на било кој начин) е 3 пати поголема отколку веројатноста дека тоа се само случајни настани.

Одделно гледано, 3-на-1 не се некакви статистички импресивни шанси, особено кога не знаеме ништо за темната материја; но самото истражување е знак дека почнуваме да интегрираме сé повеќе од тоа што го знаеме околу споменатиот астрофизички феномен во длабоката временска историја на животот и смртта на нашата планета. Ова е можеби и прв пат некој да ја поврзе темната материја со смртта на диносаурусите.

dinozorkatili[1]Мајкл Б. Рампино – геолог од универзитетот во Њујорк, оди и чекор подалеку, сугерирајќи дека нашиот сончев систем всушност периодично поминува низ овој облак од темна материја. Можеби ова минување не само што упатува астероиди во наш правец, туку можеби и ја загрева планетата и предизвикува интензивни вулкански активности. За ова да е вистина, треба да се поклопат уште неколку фактори: дискот од темна материја треба да е погуст од најголемата концентрација на ѕвезди во нашата галаксија, а и честиците на темната материја треба да интерактуваат со Земјата на таков начин што ќе влијаат на термо-вулканската активност, но без комплетно да го стопат Земјиното јадро. Сето ова на купче е малку веројатно, ама не и невозможно.

Но, постои уште почудна теорија што го комбинира истребувањето на животот со темната материја. Дајонг Цао е истражувач од Пекинг и стои на чело на Avoid Earth Extinction Association – организација која е посветена на проучување и алармирање од потенцијални вонземски закани (астероиди, не вонземјани). Има напишано неколку научни трудови во кои ја изнесува својата теорија, а таа гласи дека астероидите што минуваат низ облакот од темна материја и самите стануваат „инфицирани“ со таа темна материја. Овие „темни комети“ – кои не можеме да ги набљудуваме директно – удираат во Земјата и ја носат темната материја на самата наша планета. Да предвидиме дали и кога ќе нé удрат, можеме само преку проучување на гравитационите ефекти на овие објекти. На некој начин, теоријата на Цао е микс од сите претходно наведени и ги спојува во една – суперстрашна теорија за изумирањето на живиот свет.

Од наш (човечки) аспект, единствен начин да докажеме било која од овие теории е да најдеме темна материја. Детекторите ширум светот работат со полна пареа, макар што преовладува ставот дека темната материја ќе мора да биде докажана индиректно, преку проучување на нејзините гравитациони ефекти врз другите вселенски тела. Вака или така, тоа значи дека денот кога ќе ја откриеме темната материја може да биде и ден кога ќе утепаме две муви со еден удар (другата мува е уништувањето на живиот свет на Земјата), освен ако „мувата“ не нé удри прва.

- Реклама -