Телефонски разговор Сиљановска Давкова – Вучиќ: На Илинден заедничка посета на манастирот Св. Прохор Пчински

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова попладнево оствари телефонски разговор со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и притоа, меѓудругото, е договорено двајцата претседатели на Илинден зеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, во разговорот беа потврдени одличните билатерални односи и беше истакната подготвеност за натамошно унапредување на македонско – српското пријателство, за конкретизирање на соработката во повеќе области и јакнење на меѓусебната поддршка во однос на европските перспективи и процесите на евроинтеграција на двете земји.

– Во пресрет на државниот празник 2 Август – Илинден, а во духот на добрососедските односи и заложбите за продлабочување на пријателските врски меѓу двата народи, претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Вучиќ, изразија подготвеност заеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), се наведува во соопштението.

Во разговорот, претседателката Сиљановска Давкова му се заблагодарила на претседателот Вучиќ за укажаната помош во справување со актуелните шумски пожари во земјава и ја потенцирала неопходноста и важноста од засилена регионална соработка во справување со природните катастрофи.

Прочитајте и:  Путин го покани Вучиќ да ја посети Москва

Претседателот на Србија Вучиќ во објава на Инстаграм оцени дека имал срдечен разговор со претседателката @gordana_siljanovska_davkova за најважните прашања од билатералните, а особено економските односи, како и за местото на Србија и Северна Македонија на агендата на проширувањето на Европската унија и взаемната поддршка на на #ЕУ патот.

-Претседателката на Северна Македонија се заблагодари за помошта што Србија ја пружи во гаснењето на пожарот, а јас посочив дека важноста на регионалната соработка е во тоа што можеме да си помогнеме на најдобар и најбрз начин. Се договоривме заедно да го посетиме манастирот Прохор Пчински на Илинден, што исто така ќе биде одлична можност за дополнително зајакнување на врските меѓу нашите два народи, напиша Вучиќ.

Српскиот претседател Вучиќ, како што се наведува во објавата, ја искористил можноста да ја покани неговата почитувана колешка да ја посети Србија, за да се конкретизирираат некои од плановите кои ќе ја подигнат взаемната соработка на повисоко ниво.

- Реклама -