Еднаквата дистрибуција на вакцините против коронавирусот е „под сериозен ризик“, истакна денеска шефот на СЗО – Тедрос Адханом Гебрејесус, предупредувајќи дека светот се соочува со „катастрофално морален неуспех“, во време кога се јавуваат нови брзоширечки варијанти на коронавирусот и еднаквата поделба на вакцините е, оттаму, уште поважна.
Оваа нееднаквост во дистрибуцијата само дополнително ќе ја потврди и ќе ја зацврсти нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните во светот, порача тој на состанокот на извршниот одбор на СЗО. Тој истакна дека за разлика од 39-те милиони дози од различни вакцини кои досега се дадени во барем 49 богати земји, во една од најсиромашните се доделени само 25 дози.
„Морам да бидам отворен и јасен, светот се наоѓа на работ на катастрофален морален неуспех, а цената ќе биде платена со животите и животните услови во најсиромашните земји во светот“, рече Гебрејесус.
Тој обвини дека одредени земји го заобиколуваат КОВАКС (COVAX) системот, создаден токму за да се избегне нееднаква дистрибуција на вакцини. Како што истакна, лани биле потпишани 44 билатерални договори (држава со производител), а годинава најмалку 12, за набавка на вакцини.
„Ова може да ги одложи снабдувањата преку COVAX и да доведе токму до сценариото што COVAX системот беше дизајниран да го избегне – со приграбување, хаотичен пазар, некоординиран одговор и понатамошни нарушувања на социјалниот живот и економијата“, рече првиот човек на СЗО. Таков „јас прв“ пристап ги доведува во ризик најсиромашните и најранливите во светот, истакна тој.
Според него, развојот и одобрувањето на безбедни вакцини за помалку од една година по појавата на вирусот во Кина кон крајот на 2019-та е „извонредно достигнување и насушно потребен извор на надеж“. Сепак, рече Гебрејесус, не е правилно „помладите и побогати луѓе во богатите земји да се вакцинираат пред здравствените работници и постарите луѓе во посиромашните земји“.
„Ќе има доволно вакцини за сите, но во овој момент мораме да работиме заедно како едно светско семејство за да ги приоритизираме оние кои се најмногу изложени на ризик од сериозно заболување и смрт, во сите земји“, порача тој.
Тедрос обвини одредени земји дека иако декларативно се залагаат за еднаква дистрибуција, приоритетно посегнале по билатерални договори за сметка на КОВАКС системот за да го прескокнат редот и да бидат меѓу првите што ќе ги добијат вакцините. Тоа, паралелно, ги покачува и цените на вакцините, истакна тој, повикувајќи ги побогатите земји кои имаат однапред нарачано милиони дози на вакцини, како САД, Велика Британија и Европа, откако ќе ги вакцинираат своите здравствени работници и постаро население, да споделат дел од тие вакцини со КОВАКС системот, за да може да бидат редистрибуирани до посиромашните земји. Тој побара земјите што склучиле билатерални договори со производителите да бидат транспарентни за тоа колку, по која цена и кога ги набавиле и ќе ги добијат, и повика на поголема контрола на дистрибуцијата.