Таравари за Димитриевски: Го потсетувам дека идната година се локалните избори, најверојатно повторно ќе му требаат албанските гласови

Нивото на кое што комуницира Максим Димитриевски воопшто не ми се допаѓа и не би сакал да дискутирам повеќе за тоа, вели Арбен Таравари, од коалицијата „Вреди“, која е дел од Владата, порачувајќи му својот партнер во Владата, лидерот на Движњето ЗНАМ, дека „идната година се локалните избори, најверојатно повторно ќе му требаат албански гласови“.

Прашан за коментар на вчерашната изјава на Максим Димитриевски дека „е погрешно „Вреди“ да го имитираат ДУИ“, Таравари рече дека тоа е во насока на добивање политичко поентирање.

–  Господинот Димитриевски гледам дека сака да поентира за да добива политичка поддршка. Јас го потсетувам дека пред три години беше избран како градоначалник со огромен број албански гласови, идната година се локалните избори, најверојатно повторно ќе му требаат. Нивото на кое што комуницира господинот Димитриевски воопшто не ми се допаѓа и не би сакал да дискутирам повеќе за тоа, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по повод воведување на нови лекови на позитивната листа.

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, прашан во какви односи се со коалицијата „Вреди“ по несогласувањата околу Балансерот, вчера рече дека е погрешно „Вреди“ да го имитираат ДУИ, и дека „ќе мора да направат корекција на самите себеси“.

Прочитајте и:  Таравари: И да има избори Ахмети пак ќе бара нови, подобро да се фокусира на реформи и адаптација во опозиција

– Мислам дека нашиот партнер во власта, иако ЗНАМ е партнер со ВМРО-ДПМНЕ во оваа власт и во ниту еден момент ние немаме како политичка партија разговарано за било каква коалиција или заемна поддршка на централно ниво, но, сепак тие се партнер на нашиот партнер, го почитуваме тоа, но, ќе мора да направат корекција на самите себеси. Мислам дека е погрешно да го имитираат ДУИ, бидејќи ДУИ е веќе видена работа и едно минато. Треба да креираме нови политики за економски раст и развој на државата, бидејќи граѓаните веќе не се оптеретени, кој какво знаме ќе вее или кој е поголем заложник за исполнување на некои си наводни национални платформи и стратегии, изјави Димитриевски.

Од Коалицијата „Вреди“, преку соопштение апелираа ЗНАМ „несвесно да не му тера ќеифови на ДУИ“, порачувајќи дека „не мора да се согласуваме за сите прашања, но мора да се почитуваме со оглед на фактот што сме дел од заедничка Влада, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани без разлика на етничка, верска или политичка припадност“.

- Реклама -