Лидерот на Алијанса за Aлбанците и градоначалник на општина Гостивар е оптимист дека уставните измени ќе поминат во парламентот, а доколку не добијат поддршка тогаш во партијата ќе ги разгледуваат натамошните чекори.
На новинарско прашање на настан во Гостивар, Таравари околу претстојната седница на Собранието на РСМ на која ќе се расправа за измени на Уставот, го пренесе ставот на партијата.
„Очекувам за две недели да се одржи пленарна седница во парламентот за уставните измени. Во таа насока АА минатата недела имаше состанок на централното претседателство на која беше разгледано ова прашање. Воопшто не стана збор за напуштање на владината коалиција и излегување од владата. Пред сè, битно ни е да поминат уставните промени и сè уште сме оптимисти дека ќе поминат. Доколку не, тогаш во склад и со текот на настаните потоа, партиските тела ќе решаваат“, рече Таравари.
Според него, предвремени избори не се опција бидејќи, како што потенцира, ноември и декември не се добар термин за избори.
„Набрзо во март-април ќе има претседателски избори, па затоа не треба да има ниту парламентарни во јули. Организирање на два круга избори во краток период е нерационално и ќе чини многу пари, но, сепак за да има парламентарни избори потребен е консензус на политичките партии“, подвлече Таравари.
МИА