Таравари: Инцидентот кај „Скендербег“ го испровоцираа навивачки групи организирани од Артан Груби

Инцидентот кај плоштадот „Скендербег“, кога лице извади пиштол и пукаше кон демонстрантите против францускиот предлог, бил предзивикан од навивачките групи на фудбалскиот клуб „Шкупи“ од Чаир, со кои управувал Артан Груби од ДУИ, тврди градоначалникот на Гостивар и потпретседател на Алијанса за Албанците – Арбен Таравари, во интервју за „Фокус“.

„Последните информации ми кажуваат дека тука директно се вклучени ДУИ и СДСМ. Јас лично до пред некој ден ги немав видено снимките, но откако убаво ги прегледав, видов дека над мостот одредени активисти, и тоа блиски до ДУИ и Артан Груби, фрлаа со камења… Да, навивачките групи на Шкупи. Тие практично ја испровоцираа целата ситуација“, вели Таравари во интервјуто, кое ќе биде објавено во новиот број на неделникот „Фокус“.

Според него, целата ситуација била дефинитивно исценирана, иако, како што вели, „постои и еден друг дел од приказната“.

„Една вечер пред тоа, поточно на 5 јули вечерта, е демолиран хотелот на човекот што пукаше со пиштол, кој јас воопшто не го оправдувам. Значи, нема оправдување за користење оружје во вакви ситуации. Меѓутоа, на снимките се гледа дека и полицијата е тотално пасивна, така што целта беше да се создаде тоа што Бујар Османи го најавуваше пред пет, шест дена. Добро е што заврши без некакви последици“, вели Таравари.

- Реклама -