Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН/ВРЕДИ, Арбен Таравари смета дека со сегашните закони албанскиот јазик не е изедначен со македонскиот. Тој ова го кажа на настан во Гостивар одговорајќи на новинараско прашање. Како дел од владината коалиција тие имаат намера да го отстранат терминот „20 проценти“ од Уставот, а употребата на албанскиот јазик треба да се врати на рамниште како што била пред 1991 година.

– Имаме закон кој го гласавме и ние и ДУИ и сите албански партии. Нема партија што не го изгласа. Но, за жал во 2018 година некој го оспори во Венецијанската комисија и дојде забелешка за три члена кои и ден-денес не се користат, не се ставени во употреба, рече Таравари во одговорот.

Тој смета дека нема услови за негово повлекување и дека како коалиција се гарант албанскиот јазик ќе се користи исто како што се користел.

– Гледате, дали има некаде кај што не се користи. Јас знам дека има институции со одредени екстреми, каде потребни се неколку месеци додека да ја сфатат реалноста. Имаше критики и за страницата на претседателката, но сега и страницата на претседателката е на албански. Така што, да немате ни трошка надеж дека може да се укине употребата на албанскиот јазик, рече Таравари.

Според него, употребата на албанскиот јазик сега не е рамноправна со употребата на македонскиот јазик, но не прецизира дали ќе се укинат трите члена.

– Ние треба да се обидеме да го вратиме тоа што беше пред 1991 година, пред 1991 година употребата на албанскиот и македонскиот јазик бил рамноправна. Нашата цел треба да биде повлекувањето на 20 проценти од Уставот. Ова е дефинитивното решение за употреба на албанскиот јазик, сè друго е импровизирање, подвлече Таравари.

- Реклама -