„Ветено, сторено“, напиша македонската пејачка Тамара Тодевска на Инстаграм, објавувајќи фотографии од својата нова тетоважа, која гласи: „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“.
Се разбира, се работи за стихот од химната за кој во куп интервјуа, но и до ден денес, Тамара тврди дека ненамерно го изоставила кога минатата година во Американската амбасада во Скопје ја пееше „Денес над Македонија“ по повод Денот на независноста на САД – 4 јули. Кај голем дел од македонската публика, тој пропуст го засени и големиот успех на Тамара на Евровизија, кога на земјава ѝ го донесе највисокиот пласман – 7 место, од сите досегашни учества.
Од пораките и коментарите кои ѝ беа упатувани преку социјалните мрежи, очигледно беше дека Тамара минува низ тежок период. Првпат за целата таа ситуација јавно проговори во интервју за порталот „Вивиблогс“. Во тоа интервју, призна дека оплескала, но и беше искрена дека е многу лута на својот народ за тоа што „поверувал дека се продала“.
Подоцна, во повеќе прилики, Тамара порача дека ја научила лекцијата:
„Верувам дека во животот ние самите сме си одговорни за работите што ни се случуваат. Знам дека направив голема грешка и навистина ми е жал за се што се случи. Не велам дека ми беше лесно тие неколку денови, но од друга страна јас знам која сум, знам што сум и знам во што верувам и ниеден лош коментар или навреда тоа нема да го промени. Македонија е мојата татковина. Земјата која ме направи појака, похрабра, помудра. Земјата во која растат моите деца и земјата со која се гордеам. Сѐ во животот е лекција, а јас ја научив мојата“, изјави пејачката во интервју за „Фокус“.