Во саботата, македонската пејачка Тамара Тодевска беше прогласена за најдобар интернационален изведувач на албанскиот фестивал „Kënga Magjike“ (Волшебна песна) во Тирана, кој е еден од најстарите и најпрестижните во Албанија, но и во регионот.
Фестивалот има четири категории: Најдобар нов интернационален изведувач, Најдобар нов изведувач, Најдобар интернационален изведувач и, најпрестижната – Најдобар изведувач. Конкуренцијата е голема, а за еден пејач да биде поканет треба да има акумулирано повеќе од 10 милиони прегледи на Јутјуб или да има победено на шоуа како The Voice или X Factor, сѐ со цел да се обезбеди врвен музички натпревар.
Повеќе од 40 изведувачи се натпреваруваат во две полуфиналиња и потоа 25 од нив одат во големото финале што (во случајов) се одржа во саботата. Има три типа на гласања кои на крајот се сублимираат: јавно гласање (телевотинг), професионално жири и гласање на изведувачите. Да, секој изведувач ги оценува и ги рангира останатите пејачи, што влегува во финалните бодови.
Тамара Тодевска настапи со новиот сингл „Monѕtеrѕ“, во авторство на Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветковски, а текстот е на Коста Петров. Освен што беше избрана за Најдобар интернационален изведувач, таа беше и голем фаворит во генералниот пласман. По гласањето на жирито и останатите учесници, Тамара беше во топ 4, но беше последна во телевотингот, па ѝ избега високиот генерален пласман.
Сепак, Тамара беше пресреќна за наградата и ја посвети на нејзиното семејство, сопругот и сите што ја сакаат и биле покрај неа сите овие години. „Да продолжиме да се правиме едни со други горди“, напиша Тамара на Инстаграм.
А токму поради фестивалот и сплетот на околности, Тамара за првпат проговори и за она што се случи во Американската амбасада и жестоката реакција кон неа која следуваше на друштвените мрежи. Непосредно пред настапот на Kenga Magijke, половина час претходно, Тамара во својата хотелска соба даваше интервју за порталот Wiwibloggs, а меѓу дел од темите се најде и утката со химната.
„Зборуваа дека ме платиле“, раскажуваше Тамара, па објасни дека во Aмериканската амбасада пеела бесплатно, на инсистирање на татко ѝ, откако негова студентка која работела во амбасадата го замолила да ја убеди Тамара да пее на одбележувањето на 4 Jули. Тамара раскажа дека 20 минути пред настапот, татко ѝ инсистирал да се потсети на стиховите, за секој случај. Таа отворила интернет и се потсетила на „погрешната, стара верзија“, како што вели. „Зезнав работа, и омpaзата почна“…
Следно, наместо да се радува и да биде горда на успехот на Евровизија, пејачката се нашла затворена во четири ѕида, прашувајќи се „Што, по ѓаволите, се случило“, или со нејзини зборови „What thе f… happened“. „Ме мpaзеа толку многу“, вели таа.
„Оплecкав. Не беше професионално од моја страна, но сите прават грешки. Многу сум лута… првпат зборувам за ова… Многу сум лута на мојот народ што поверуваа дека сум се продала за нешто такво. Заборавија сѐ, после само два месеци. Без разлика што сум од Северна Македонија, си ја сакам земјата, јас сум Македонка и никогаш нема да речам дека сум од Северна Македонија. Но тие зборуваа дека жирито гласало за мене бидејќи си го сменивме името. Не, не гласаа затоа. Гласаа зашто бевме еб*но добри. Бевме супер. Имавме одлична тимска работа, еве и сега се eжaм“, објасни Тамара, додавајќи дека омpaзата не доаѓала од целиот народ, туку од мала група која немала што попаметно да прави отколку да пишува на друштвени мрежи. „Но, беше толку голем нaпaд што не ми се веруваше. Никој пред мене, ни политичар, ни политичарка, не бил/а така критикуван“, рече Тамара (9:52 во интервјуто).
PS. Случајно или не, како што посочивме и тогаш, Тамара во американската амбасада пееше комбинација од две верзии на химната. Во ниту една од трите верзии не е изоставена строфата во која во стиховите се споменуваат основоположниците на Крушевската република Гоце Делчев, Питу Гули и Јане Сандански (во оригиналната верзија на Илиева, Бадев и Сариевски не се спомнува Даме Груев). Така што, кој и да ја напишал верзијата што Тамара ја проверувала на интернет, има многу причини да биде зacpамeн.
Thank you @KengaMagjike for the Award for Best International Artist. It means the world to me. I dedicate this award to my family, my husband and everyone that has been beside me all these years. ❤ pic.twitter.com/EHR00THNMX
— Tamara Todevska (@TamaraTodevska) December 7, 2019