„Таканаречениот ‘македонски јазик’ си е проблем на Скопје, а не на Софија“

„Проблемите со танакаречениот ‘македонски јазик’ се прашање на дискусија не толку меѓу Софија и Скопје, туку внатре во Скопје, зашто тие не можат да го откријат својот идентитет… Бидејќи се немаше време да се чека јазикот да се развие како природен, се премина директно кон прекодификација на веќе постоечки книжевен јазик“, коментира во гостување на БНР доц. д-р Ана Кочева, филолог од Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките (БАН).

Таа тврди дека на филолошка основа Бугарите никогаш не пројавиле претензии за тоа како да се самоидентификуваат луѓето во Северна Македонија или во однос на тоа како ќе го „етикетираат“ својот јазик.

„Признавајќи ја историската вистина, ќе се здобијат со онаа стара историја за која сега тврдат дека ја имаат. Веројатно има некакви комплекси, па во непрестајното трагање по идентитет различен од вистинскиот се гази во таа мека почва и се извлекуваат такви апсурдно смешни заклучоци за историјата и за јазикот“, изјави Кочева во емисијата „12+3“.

Кога се зборува за јазик, треба да се имаат во предвид неговите три компоненти – историја, дијалекти и книжевна форма, посочува Кочева, па го тврди следново:

„Кога велиме дека има македонски бугарски, го имаме во предвид родовиот концепт бугарски и видот македонски. Тоа не е претензија кон денешните граѓани на РСМ, туку европска и светска пракса“, пренесува БНР.

***

Интервјуто со Кочева на тема „таканаречениот македонски јазик“, доаѓа само еден ден по интервјуто на македонскиот вицепремиер за европски прашања – Никола Димитров, кој вчера за ТВ „Телма“ изјави дека станал од состанок со Каракачанов и Захариева затоа што македонскиот народ го нарекле „таканаречен народ“.

Ден претходно, со став за актуелните случувања меѓу Бугарија и Македонија се огласи и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Во документот, МАНУ потсетува дека македонскиот народ ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот историски, културен, јазичен, политички идентитет – во континуитет, а особено во текот на 19 и 20 век, во текот на својата борба за национално ослободување и државно осамостојување, како и во рамките на македонската република во составот на југословенската федерација (1945 – 1991), односно во рамките на независна и суверена Република Македонија (1991 – 2019).

Повикувајќи се на сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика и лингвистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, МАНУ потсетува и дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија), и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години), а потсетува и дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор.

- Реклама -