Mичио Каку: Тајното оружје и Aхиловата пета на Америка

Забраната за влез на мигранти од седум мнозинско муслимански земји во Америка, иницирана и потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп, продолжува да предизвикува големи полемики. Уредбата моментално е ставена вон сила од страна на еден американски федерален суд, но расправите и ехото од одлуката на Трамп не стивнуваат.

Во тој контекст, последниве денови на друштвените мрежи се шири едно видео од пред пет години, во кое славниот физичар Мичио Каку зборува за американското „тајно оружје“ кое ги чува САД од прилично сериозен колапс на повеќе полиња, особено на економско и научно.

Каку вели вака:

„Науката е мотор на напредокот. Од парната машина, преку електричната енергија, преку ласерите, транзисторите, компјутерите… Меѓутоа, информациската револуција има слабост. А слабоста е токму образовниот систем.

САД го имаат најлошиот образовен систем кој науката го познава. Нашите дипломци редовно конкурираат на истото ниво со тие од ‘земјите од Третиот свет’.

Како тогаш научниот естаблишмент во САД досега се нема срушено? Ако произведуваме генерација на глупчовци и индексот на глупоста во САД расте секоја година – само погледнете ги кабловските телевизии и риалити шоу-ата – како тогаш научниот естаблишмент во Америка не колабирал?

Да ви кажам нешто. Некои од вас тоа можеби не го знаат… Америка има тајно оружје. Тоа тајно оружје е H1B. Без H1B, научниот естаблишмент на земјава би пропаднал. Заборавете на Гугл, заборавете на Силиконската долина! Силиконската долина не би постоела без H1B!

А знаете ли што е H1B? Тоа е визата која им ја издаваме на генијалците, океј? Свесни ли сте дека во САД 50% од сите кандидати за докторски студии се родени надвор од Америка? На мојата образовна установа, една од најголемите во САД, 100% од сите кандидати на докторски студии се родени вон Америка.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

САД се магнет што ги вшмукува мозоците на светот. Но сега тие мозоци се враќаат назад во матичните земји. Се враќаат во Кина, се враќаат во Индија. А луѓето се чудат: ‘О боже, сега има Силиконска долина и во Индија! О боже, сега има Силиконска долина и во Кина!’. Duuh, нормално дека има. Од каде дојдоа? Дојдоа од САД.

Затоа немојте да ме убедувате дека науката не е мотор на развојот. Ако ја тргнете H1B визата, нашата економија ќе пропадне.

Wallstreet Journal напиша колумна против еден американски конгресмен кој сакаше да ја забрани H1B визата зашто сметаше дека таа им ги зема работните места на Американците. Знаете што му порачаа? Му рекоа:

Види, стварите стојат вака: Не постојат Американци кои можат да ги работат тие работи. Тоа се работни места од највисокото ниво на напредната технологија. Тоа не се луѓе кои им ги одземаат работните места на Американците, тоа се луѓе кои создаваат цели нови индустрии.

И затоа Америка има Ахилова пета – тоа е нашиот образовен систем. И повторувам, социолозите нема нужно да бидат тие кои ќе ја одредуваат иднината на Силиконската долина. Туку физичарите. Инженерите. Ни требаат повеќе од нив, а не помалку!“, заклучува Мичио Каку, проследен со силен аплауз од публиката.

(делот почнува од 43:52)

https://youtu.be/ceEog1XS5OI?t=2632

- Реклама -