Тајната на абнормалниот успех на семејните бизниси во Јапонија

Зошто во Јапонија 98% од посвоените се 20 - 30-годишни мажи?

Јапонија има една од највисоките стапки на посвојување во светот, со над 80.000 легални посвојувања секоја година. Сепак, кога се работи за посвојување на деца, Јапонија е далеку зад повеќето развиени земји. Тоа е затоа што околу 98% од посвоените Јапонци се млади мажи во нивните 20-ти и 30-ти.

Од друга страна, иако студиите покажуваат дека фамилијарните бизниси генерално се неодржливи на долги временски периоди – најмногу затоа што талентот за бизнис и интелигенцијата се само делумно наследни – дури третина од јапонските корпорации се фамилијарни бизниси. И не само тоа, туку семејните компании речиси секогаш се покажуваат подобро во бизнисот отколку професионално менаџираните компании. Споредени со нивните конкуренти, семејните компании се попрофитабилни, имаат поголема вредност на пазарот, ама бележат и поголема продажба. Ако тоа не е доволно чудно, ете го примерот на Сузуки, Тојота или Мацуи Секјурити – кои успеваат бизнисот да го зачуваат под раководство на семејството подолго од 100 години, а уште се успешни. Некои глобално помалку познати јапонски компании го тераат бизнисот во кругот на семејството и по подолго од век.

Ако досега не проваливте, сега веројатно се прашувате: Што е тајната на ваквата фасцинантна успешност на фамилијарните бизниси и каква врска има со посвојувањето на 30-годишните Јапонци? Е па, ете ја, во самото прашање.

Пред Втората светска војна, цивилните закони во Јапонија декларираа дека семејното богатство може да биде пренесено само на машките наследници, а традиционално тоа би требало да биде првородениот син. Па така, семејствата без машки наследници, или тие што имаа синови што не беа доделкани доволно за да водат семеен бизнис, се свртеа кон посвојувањето како решение со кое семејното богатство ќе остане во семејството. Но наместо класичното посвојување (бебе или младо дете), тие посвојуваа млади мажи кои веќе ја пројавуваа потребната интелигенција и бизнис знаење за да го сочуваат семејното презиме и репутација и да ја дотуркаат семејната компанија до следната генерација. Иако денес законот веќе не забранува Јапонците да им го оставаат своето материјално наследство на женските поколенија, старата традиција на тоа да си избереш свој „мукојоши“ т.е. посвоен законски син – е сé уште многу популарна во Јапонија.

Така е како што звучи. Таа бројка од 98 проценти доволно зборува дека посвојувањата во Јапонија немаат многу заедничко со добродушноста или дарежливоста, а многу повеќе имаат со меркантилизмот и стравот од губење на вековните семејни имиња. Гените веќе покажаа дека баш не може да им се верува, и затоа најголем дел од фамилијарните бизниси стагнираат или пропаѓаат откако ќе почине нивниот основач.

Ама и затоа во Јапонија ќе најдете фамилијарни бизниси стари и преку еден милениум. Според Википедија, најстарите пет бизниси во светот се јапонски. Најстариот од нив е тој на Конго Гуми – градежник на будистички храмови, основан во 578-та година. Како фамилијарен бизнис тераше сé до 2006 година, кога влезе во рамките на Takamatsu Construction Group.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот
Осаму Сузуки, на пример, е 4-тиот „регрутиран“ син во раководството на Suzuki.

Студиите покажуваат дека оваа јапонска традиција на мукојоши не само што им овозможува на јапонските фамилијарни бизниси да ја измамат судбината на другите фамилијарни бизниси низ светот, туку и е многу ефективен начин на зачувување на семејното богатство низ долги временски периоди. Според The New Economy, посвојувањето на високо-квалификувани возрасни луѓе за да ги водат семејните бизниси, има троен ефект: ги отстранува неталентираните наследници по крв, диктира подобри перформанси од менаџерите кои во овој случај имаат одлична можност да станат наследници на компанијата за која работат, а воедно и диктира поголема проактивност кај останатите потомци од семејството, кои живеат под постојана закана дека ќе бидат заменети од „супериорниот“ посвоен син. Овие внатрешни притисоци водат кон поактивен интерес на сите членови од семејството, а со тоа и кон поголемо општо добро за самата компанија.

Денес постојат бројни компании и брачни консултанти специјализирани за регрутирање на возрасни лица кои би биле посвоени од јапонските семејни компании. Побарувачката е голема, што се должи и на нискиот наталитет во земјата, ама и на тоа дека многу родители имаат само ќерки. Така, има многу жени кои бараат сопрузи кои би се согласиле да бидат посвоени од нивните семејства. Од друга страна, многу млади мажи бараат шанса да ги изразат своите бизнис-вештини во корпоративниот свет, бидејќи качувањето преку почетните корпоративни скали е многу потешко. Очигледно тие имаат многу што да добијат од една ваква зделка, но добиваат и нивните вистински семејства – обично во форма на големи парични суми како надоместок за нивната согласност нивните потомци да се откажат од своите семејни презимиња и да го земат тоа на посвојувачите. Тоа е супер бизнис зделка, особено за семејствата со повеќе машки наследници.

„Не гледам проблем во тоа да го сменам моето семејно презиме, бидејќи на него гледам како на прекар даден од владата за потребите на семејниот регистар“, вели Цунемару Танака – нечив иден посвоен син (апликант во една од компаниите за посредство). „Самоуверен сум дека моите вештини можат да бидат корисни, па ако има шанса за мене да наследам семеен бизнис и да го направам успешен, тоа ќе биде добро за сите“.

И додека Јапонците посвојуваат возрасни мажи за да го сочуваат семејното богатство и углед, посвојувањето на деца во Јапонија е речиси табу тема. 39.000 деца во моментов се згрижени и чекаат грижа. Преку домовите и другите институции се склучуваат само околу 300 посвојувања годишно. Преку приватните здруженија се посвојуваат уште околу 100. Сé на сé, далеку од доволно.

А и кога Јапонците се решаваат да посвојат дете, речиси никогаш тоа не е дете на целосен странец. „Обично се работи за посвојување на дете на роднина кој веќе има премногу деца“, пишува Хаџиме Јуџи на Quora.

- Реклама -