„Тајмс“: Велика Британија размислува за купување шпионски балони

Велика Британија размислува за купување на шпионски балони кои можат да летаат на голема височина над непријателски земји, пишува весникот „Тајмс“.

Минатата година Владата потпиша договор од 100 милиони фунти со американска компанија за развој на беспилотни стратосферски воздушни системи. Технологијата се развива за Министерството за одбрана како дел од проектот „Aether“, пишува весникот. По пробните летови во пустината Аризона, Министерството потврди дека е заинтересирано за купување системи базирани на балони, пишува „Тајмс“.

Американската компанија која соработува со британската Влада на програмата, е „Сиера Невада корпорација“. Во октомври тие успешно тестираа балон кој полета од југозападната држава Аризона и се упати кон североисток над другите држави. Оваа година, балонот треба да започне 60-дневен пробен лет, посочува весникот.

Балоните за набљудување летаат помеѓу 50.000 стапки и 80.000 стапки, што значи дека е помала веројатноста да наидат на турбуленции. Експертите од Одделот за снабдување во Министерството објаснуваат дека пониските нивоа на турбуленции во стратосферата овозможуваат извидувачките платформи да се движат постабилно над целта.

„Нашата работна теорија е дека турбуленцијата што сите сме ја доживеале во авионите кои летаат на 40.000 стапки не постои до тој степен во стратосферата. Ако ова е вистина, би можеле да испраќаме лесни авиони на долги временски периоди без да се грижиме дека ќе бидат погодени од турбуленции“, сметаат експертите.

Министерството за одбрана разгледува системи засновани на балон и системи со фиксни крила за да има различни опции за платформи кои можат да останат во стратосферата подолго време и други што можат да останат таму за пократки фиксирани периоди, додава весникот.

Извор: МИА

- Реклама -