СЗО: Случајот со вакцината на AstraZeneca е „повик за будење“, но не треба да обесхрабрува

Паузирањето на експерименталната вакцина за Ковид-19 на AstraZeneca и Универзитетот во Оксфорд, откако еден од учесниците во клиничките испитувања се разболе, е „повик за будење“, но не треба да ги обесхрабри истражувачите, порача денеска од Женева Сумја Сваминатан – педијатар и истражувач позната по нејзините истражувања на туберкулоза и ХИВ, а која од 2019 година е главен научник на Светската здравствена организација (СЗО).

„Ова е повик за будење за да препознаеме дека во клиничкиот развој има подеми и падови и дека треба да бидеме подготвени. Не треба да бидеме обесхрабрени. Вакви нешта се случуваат“, истакна Сваминатан, пренесува Reuters.

Вакцината на AstraZeneca беше оценета од СЗО како една од најветувачките во „трката“ за инструмент за победа на пандемијата. Сепак, компанијата пред два дена соопшти дека ја паузира експерименталната примена, односно испитувањата на вакцината врз луѓе, откако Британец  разви невролошки симптоми. Паузата е со цел да се утврди дали неговата состојба е реакција директно на вакцината, или е резултат на други причинители.

„Ова е трка против овој вирус и трка за спасување животи. Не е трка меѓу компании и не е трка меѓу земјите“, додаде директорот за итни состојби на СЗО – Мајк Рајан, повторувајќи го ставот дека врвниот приоритет е безбедноста и ефикасноста на вакцината, а не кој прв ќе ја направи.

 

 

- Реклама -