Само со строго придржување до здравствните мерки, како носење маски и избегнување на поголеми групи луѓе, светот ќе успее да ја победи пандемијата на Ковид-19, порача шефот на Светската здравствена организација Тедрос Адханом Гебрејесус денеска на вируелен брифинг од Женева, пренесува Reuters.
„Таму каде што се почитуваат мерките, бројот на случаи опаѓа. Таму каде што не се почитуваат, бројот на случаи расте“, рече Тедрос, при што ги пофали Канада, Кина, Германија и Јужна Кореја за успешното контролирање на пандемијата во нивните земји.
Директорот на програмата за вонредни ситуации на СЗО – Мајк Рајан, пак, предупреди дека е невозможно меѓународните граници да останат затворени и во догледна иднина, па ги повика земјите да прават повеќе во насока на изборување со пандемијата во сопствените граници:
„Ќе биде речиси невозможно одредени земји да продолжат да ги чуваат своите граници затворени во догледна иднина. Економиите мора да се отворат, луѓето мора да работат, патувањето мора да се врати во функција.. Она што е јасно е дека притисок врз вирусот ги намалува бројките. Ослободете го тој притисок и бројот на случаи одново се прикрадува и расте“, рече Рајан.
Рајан ги пофали Јапонија и Австралија за „добриот успех“ во држење на заразата под контрола, истакнувајќи дека е очекувано да има враќање на вирусот во областите со активна трансмисија која е резултат на олеснување на мерките и зголемување на мобилноста.
„И она што во суштина се случи во многу земји е токму тоа – ноќните клубови, други ситуации, студентски домови и други околини каде луѓето се близу едни до други, можат да служат како точки на засилување на болеста и потоа да ја шират назад во заеницата. Мораме да сме хипер-внимателни околу тие“, порача експертот на СЗО.
Тој додаде дека мерките мора да се конзистентни и да се во сила доволно долго за да осигураат ефективност и прифаќање од јавноста. Притоа потенцираше дека владите што ги истражуваат и следат кластерите треба да бидат пофалени, а не критикувани.
„Она што треба да нѐ загрижува се ситуациите каде проблемите не излегуваат на површина, каде проблемите се превидени, каде што сѐ изгледа добро“, посочи Рајан.