Супербогатите наскоро можеби ќе добијат шанса да купат пловечка реплика на Монако. Јахтата долга 152 метри е наречена „Улиците на Монако“ и се очакува да чини преку 830 милиони евра. Дизајнот опфаќа смалени верзии на неколку знаменитости од Монако, како и патека за картинг.
Во дизајнот се вметнати смалени верзии на Monte Carlo Casino, Hotel de Paris, Cafe de Paris, La Rascasse, Loews Hotel и базен и тениски терен. Патеката за картинг е инспирирана од Гранд При Монако и се обвива по целата палуба. Оваа супер-јахта е дизајнирана од компанијата Yacht Island Design сместена во Дербишајр, Британија, и ако биде изградена најверојатно ќе ја промени целата индустрија.
Роб МекФерсон, директор на компанијата вели: „Во основа ова е пловечки град. Сакавме да ги покажеме нашите способности и да привлечеме внимание, се надевам дека успеавме. Патеката беше искрата која го започна целиот дизајн. Идејата за Монако ја добивме подоцна. Сите компании во моментов создаваат дизајни инспирирани од автомобилската индустрија но ние сакавме да направиме нешто малку поразлично. Ваков тип јахта би можел да биде изграден за индивидуа, но постои интерес и од компании кои изнајмуваат јахти.“
Јахтата има седум гостински апартмани, секој со соба за прием, бања, канцеларија, спална и балкон. „Улиците на Монако“ може да прими 16 гости и 70 членови на екипажот и за нејзино одржување би биле потребни десетици милиони евра годишно. Мултимилијадерот кој би се решил да ја нарача ќе може да ужива во главниот апартман кој има површина од 446 метри квадратни и се простира на три палуби.