Машката ракометна репрезентација на Македонија ги стартуваше подготовките за СП 2013 во Шпанија. По денешниот првичен технички состанок на селекторот Шундовски со ракометарите што пристигнаа во Скопје (отсустни беа Кире Лазаров, Ристовски, Даскаловски и Темелков), нашите репрезентативци вечерва ќе одржат тренинг, по што утре заминуваат на десетдневни подготовки во Пореч.
За време на подготвителниот период во Хрватска тие ќе одиграат пријателски меч со Саудиска Арабија, по што се враќаат во Скопје. Откако Новогодишните празници ќе ги минат со најблиските, ракометарите повторно ќе се соберат на 2 јануари. Две дена подоцна се патува за Ниш, каде што на 4 и на 5 јануари ќе одиграат уште две контролни средби, против селекциите на Египет и на Србија. Потоа следи ново враќање во Скопје, пред на 10 јануари да се тргне кон Шпанија, и тоа преку Софија и Мадрид до конечната дестинација – Севилја.
– Овој план е подготвуван подолго време и е многу сличен на оној пред настапот на ЕП во Србија. Ќе одиграме три натпревари што ќе ни бидат сосема доволни за подготовките. На СП имаме условно два полесни меча на стартот од сезоната, што ќе ни биде добредојдено за добро да ја темпираме формата. Проблем е што ќе се комплетираме доцна, но тоа е вообичаено. Сепак, имаме две средби во Србија на кои што ќе играме комплетни, на тие мечеви ќе се искристализира составот што ќе настапува за Македонија на СП во Шпанија – изјави селекторот Звонко Шундовски.
Кормиларот на македонскиот национален тим застана во одбрана на сопствениот избор на ракометари, иако беше остро критикуван поради изоставувањето на неколку репрезентативци што до неодамна беа стандардни, но и на оние што играат добро на клупски план, но се уште не добиваат шанса од него да се докажат и во националниот тим.
– Тоа е тој список, тоа се ракометарите на кои што ќе сметам за овој шампионат. Неминовно е да дојде до подмладување на репрезентацијата. Придонесот на Ангелов и на Алушовски за македонскиот ракомет е неспорен, но дојде време да се направи склоп на искуство и на млади играчи, што ќе имаат успех и континуитет при настапите на големите натпреварувања – порача Шундовски.
Македонскиот селектор изненади многумина со изјавата дека на претстојниот мундијал гледа како на почеток на нов олимписки циклус, со крајна цел „црвено-жолтите“ да се најдат на Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година.
– Јас работам овде како да ќе бидам селектор уште десет години, па дури и доколку утре бидам сменет. Јасно е дека е потребна свежа крв. Ние на овој список имаме девет играчи што беа дел од младинското првенство во Охрид. Бараме континуитет, но да не заборавиме дека ние во претходните 14 години многу ретко обезбедувавме пласман. Сега го правиме тој чекор напред, контиунуитет на настап на големите натпреварувања. Според мене, тој континуитет треба да се продолжи, но не смее да се дозволи да дојде до голем јаз меѓу оваа генерација и онаа следна генерација млади ракометари, туку напротив овие помладите треба постепено да се вклучуваат во националниот тим. Без оглед што за многумина делива далечно, јас на овој мундијал гледам како на прв чекор на патот кон Олимписките Игри во Бразил – истакна македонскиот кормилар.