Судскиот совет (СС) функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет, велат од СС во реакцијата по повод изјавата на холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп – дека новиот претседател е избран во нелигитимна процедура и затоа станал „нелегитимно тело“, поради што Холандија „ставила во мирување голем четиригодишен проект“ поврзан со оваа институција.
Како што се наведува во реакцијата на СС, на денешниот работен колегиум било заклучено дека тврдењата на холандскиот амбасадор се отфрлаат како неосновани.
„Членовите потенцираат дека првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет“, се наведува во соопштението од работниот колегиум на членовите на Судскиот совет.
Холандскиот проект, посочуваат, трае четири години и се состои од три компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка, а во моментот се наоѓа во третата проектна година.
Во интервјуто за „Радио Слободна Европа“, во кое холандскиот амбасадор ги изнесе овие тврдења, тој ја коментираше и генералната состојба на правосудниот систем. Како што рече Коп, тоа е централно прашање кое Холандија го следи внимателно.
„Тоа е дел од поглавјето ‘основи’ кое прво се отвора а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но, она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. А сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“, рече холандскиот амбасадор во интервјуто.