Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур го одби барањето на адвокатскиот тим на Орце Камчев на државата да ѝ се изрече времена мерка со која тој ќе биде во домашен притвор и ќе му биде извршен медицински преглед од кардиолог поради неговата влошена здравствена состојба.
Ова всушност значи дека ЕСЧП одбил да ѝ наложи на државата да го пушти Камчев во домашен притвор и да му бидат извршени прегледи од кардиолог.
Владиниот агент на Бирото за застапување на државата пред ЕСЧП – Даница Џонова, во изјава за МИА, потврди дека барањето за времена мерка против државата за Камчев е одбиено.
Адвокатскиот тим на Камчев, претходно во неколку наврати алармираше дека имаат медицински белешки од кардиолози од земјава и странство, кои укажуваат дека тој спаѓа во група на пациенти со висок ризик од смрт поради кардиоваскуларни проблеми. Врз основа на тие белешки, одбраната на Камчев, го поднела и барање пред ЕСЧП.
Камчев веќе неколку месеци е во притвор како обвинет во случајот „Плацевите на Водно“, кој се наоѓа во доказна постапка.
МИА