Суарез: Тешко се одбива Реал Мадрид

Луис Суарез вели дека нема добиено понуда од Реал Мадрид, но признава дека ќе му биде тешко да го одбие ’кралскиот клуб’.

Гонзало Игуаин најверојатно ќе замине од Сантијаго Бернабеу во летниот преоден рок, па медиумите шпекулираат дека Реал Мадрид сака да го ангажира Луис Суарез како замена за Аргентинецот.

Во интервју за медиумите од Уругвај, Луис Суарез вели дека до овој момент не добил понуда од ’Кралевите’, но признава дека ќе му биде тешко да го одбие Реал Мадрид.

Напаѓачот исто така индицира дека планира да замине од Енфилд поради критиките што ги добива од англиските медиуми.

„Разговарав со мојот агент, нема ништо конкретно” – рече Суарез за радио станицата Sport890.

„Да му се каже не на Реал Мадрид е тешко, особено со тимот што сега го имаат”.

„Под договор сум со Ливерпул, но ќе биде тешко да го одбијам Реал Мадрид”.

„Има многу шпекулации, но никогаш ништо не се знае се додека не пристигне конкретна понуда”.

Запрашан дали полека му истекува времето поминато во дресот на Ливерпул, фудбалерот одговори: „Среќен сум на Енфилд. Среќен сум поради нашите фанови”.

„Направив неколку грешки, човек сум, но за мене се кажаа многу работи што не требаше да се кажат”.

„Моето семејство страда. Мојата ќерка и мојата сопруга страдаат. Не сум подготвен повеќе да ги трпам новинарите од Британија”.

„Го обожавам Ливерпул, но доколку ми се укаже шанса да играм на друго место…”

„Како дете се жртвував многу за да станам она што сум денес, па не можам да ги трпам нефер нападите од страна на медиумите во Англија. Тие не ме ценат како фудбалер, ми судат само по однесувањето”.

„Дали клубот инсистира да останам? Да, тие секогаш го велеа тоа”.

„Разговарав со тренерот, знае што сакам. Тој бил играч и ме разбира, исто како што ме разбираат и некои од фудбалерите”.

Реал Мадрид исто така се интересира и за Единсон Кавани, па се чини дека добри се шансите еден од двајцата играчи да заврши во Реал Мадрид.

„Уругвај треба да се гордее што на некого му се укажува шанса да игра за Реал. Но потребно е да почекаме”.

„Интересот на Реал значи дека двајцата одлично си ја вршиме работата”.

Текстот е објавен во соработка со 24 Фудбал

- Реклама -