Стратегијата што ја користат жените во Белата куќа за да бидат чуени

wh

Светот би бил подобро место ако се научиме да ги поддржуваме луѓето околу себе, пишува Кат Бугард, уредник во Muse.

Според неа, работниот свет може да биде исклучително агресивен. И во право е. Нема да го добиете посакуваното покачување, ако не работите упорно и побрзо од другите околу себе. Нема да добиете проект, ако не докажете пред претпоставениот дека вие сте вработениот кој најмногу го заслужува. Сето тоа резултира со остра и безмилосна конкуренција.

Но да ги погледнеме работите и од друг агол, предлага Бугард. Што ќе се случи ако го тргнеме погледот од сопствените кариерни скалила и почнеме да се искачуваме заедно? Ќе не однесе ли овој пристап некаде?

Имено, таков експеримент направиле жените на високите позиции во Белата куќа, се вели во еден неодамнешен напис во The Washington Post. Соочени со негативностите од тоа да си жена во политички свет исполнет со мажи, тие на своја кожа откриваат дека е тешко да кренеш глас во соба полна со претставници на погласниот пол. И, што решаваат да направат како одговор? Почнуваат да се поддржуваат една со друга.

Имено, жените во Белата куќа усвоиле стратегија која ја нарекуваат „засилување“. За време на состаноците и разговорите, кога една од жените ќе забележи нешто важно, друга жена треба истото да го повтори, цитирајќи ја авторката. На овој начин мажите во собата немаат избор освен да обратат внимание на кажаното, а подоцна и се избегнуваат случаите кога тие си го припишуваат кажаното на себе.

Изворите тврдат дека барем во Белата куќа, овој пристап работи. Мажите, вклучувајќи го и самиот претседател Обама, почнале повеќе да го слушаат мислењето на жените, откако е воведена стратегијата тоа мислење да се афирмира со по уште 2-3 гласа. А два гласа се посилни од еден, зар не?

Има потреба да напоменуваме дека ваквиот пристап може да биде применет во секоја сфера? Не е доволно да се сложувате со колегата што има добра поента и да го оставите сам да зборува. Зборувајте и вие, цитирајте го кажаното и наведете чија е идејата, и пред сé, гласно кажете дека е добра. Mожеби со ваков пристап ќе успееме сите заедно да ги постигнеме целите за кои обично меѓусебно си копаме очи.

- Реклама -