Столтенберг: Украина ќе влезе во НАТО, прашање е кога

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека сите членки на Северноатлантската алијанса се согласни Украина да стане членка, но прашање е кога тоа ќе се случи.

„Прво, сите сојузници се согласни дека Украина ќе стане членка на НАТО. Сите тие се согласуваат дека Украина има право да го избере својот пат и дека за тоа не одлучува Москва, туку Киев. Второ, сите сојузници велат дека вратата на НАТО е отворена, но не можам точно да кажам кога Украина ќе стане членка на Алијансата“, изјави Столтенберг за „Вашингтон тајмс“.

Тој додаде дека она што може да го каже е дека НАТО во моментов соработува со Киев и помага во транзицијата од опрема и доктрина од советската ера кон доктрината и стандардите на НАТО.

„Работиме на тоа да ги направиме вооружените сили на Украина интероперативни со силите на НАТО и да им помогнеме да ги реформираат и модернизираат нивните одбранбени и безбедносни институции“, истакна Столтенберг.

Тој прецизира дека Алијансата „суштински“ има две задачи во оваа војна.

„Една задача е да ја поддржиме Украина, што и го правиме. Втората е да се спречи ескалација. Го спречуваме со тоа што јасно ставивме до знаење дека не сме дел од конфликтот, но и со зголемување на военото присуство на источното крило на Алијансата, што го направивме, со 40.000 војници поддржани од значајни поморски и воздушни сили“, појасни Столтенберг.

Прочитајте и:  Путин: Русија истрела балистичка ракета со среден дострел кон Украина

Говорејќи за Кина, Столтенберг оцени дека Пекинг не го осудува нападот врз Украина, но го поздрави разговорот меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и кинескиот колега Си Џинпинг.

„Она што се случува во Европа е важно за Азија, а она што се случува во Азија е важно за Европа. Затоа што ако Путин победи во Украина, тоа е трагедија за Украинците. Но, тоа е и опасно за нас. Затоа што ќе испрати порака до Путин, но исто така и за Си, дека кога користат воена сила, го добиваат она што го сакаат. А тоа нè прави поранливи“, истакна Столтенберг.

Тој исто така рече дека војната во Украина суштински го променила НАТО.

„Сепак, мора да запомните дека војната не започна во 2022 година. Таа започна во 2014 година и оттогаш НАТО ја воведе најголемата реорганизација на својата колективна одбрана од крајот на Студената војна“, појасни Столтенберг за „Вашингтон тајмс“.

МИА

- Реклама -