Столтенберг ја критикуваше идејата на Макрон за заедничка европска војска, за Путин тоа е сосема нормално

Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, во екот на расправата за формирање „европска војска“, предупреди дека европската одбрана не смее да се засилува на штета на Северноатлантскиот сојуз.

„Задоволни сме поради засилените напори на ЕУ на полето на одбраната (…), добро е ако европските сојузници имаат поголеми капацитети, ако подобро соработуваат“, рече Столтенберг на форумот на НАТО-индустријата во Берлин.

„Она со што не сме задоволни“, сепак предупреди Столтенберг, „е што ЕУ почнува да воспоставува двојни структури“.

Емануел Макрон на 6 ноември ја поттикна расправата на темата, предлагајќи Европа да изгради своја „вистинска војска“, со цел помалку да се потпира на САД кога станува збор за одбрана.

 

„Мораме да се заштитиме од Кина, Русија, па дури и САД“, рече Макрон во интервјуто за француско радио.

Тоа го налути Доналд Трамп, кој предлогот на Французинот го оцени како „навредлив“, и тоа пред своето доаѓање во Франција на комеморацијата по повод завршетокот на Првата светска војна.

„Тоа е многу навредливо, но можеби Европа прво треба да го плати својот праведен удел во НАТО, кој САД во голема мера го субвенционираат“, напиша Трамп на Твитер откако стигна во Франција.

Францускиот претседател подоцна се обиде да ја смири топката со Трамп, истакнувајќи дека предлогот не е насочен против САД.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

„Потполно е бесмислено да се допушти НАТО и ЕУ да бидат соперници“

„Всушност нам ни е потребен еден, силен и стручен команден систем, не можеме ресурсите да ги делиме по пола“, истакна Столтенберг. Според него, „за земјите како што е Германија, би било целосно бесмислено да допуштат НАТО и ЕУ да бидат соперници, бидејќи Германија, како и повеќето членки на НАТО, истовремено е и членка на ЕУ“.

„Не би било паметно земјите членки на двете организации да одлучат да имаат два командни системи и да се преклопуваат со задачите на НАТО… Зголемените европски напори на полето на одбраната се во ред, но тоа не смее да ја намали силата на прекуатлантската врска“, заклучи шефот на НАТО.

За Путин пак, желбата на Европа да има своја војска е сосема природна.

„Европа е моќен економски ентитет, моќна економска унија, и сосема е нормално што сака да биде независна, сама себе доволна и суверена кога станува збор за одбраната и безбедноста“, рече вчера Путин во интервју за TV RT во Париз, каде исто така присуствуваше на церемонијата за одбележување на крајот на Првата светска војна.

 

- Реклама -