Столтенберг: Договорите како Преспанскиот се важен дел од меѓународниот поредок, алтернативата на тоа е катастрофа, како во Украина

„Светот се наоѓа на крстопат, од каде едната насока води кон страв, опресија и војна, додека другата страна води кон надеж, демократија и мир. Тоа е патот кој НАТО секогаш ќе го одбере“, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето видео-обраќање на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ организирана од македонскиот претседател Стево Пендаровски, во рамки на „Преспа форумот“ што се одржува во Струга.

Столтенберг потсети на Договорот од Преспа, кој, како што рече, овозможи пристапувањето на земјава во НАТО, но и придонел и кон добрососедски односи и ја отворил идината на земјата.

Столтенберг истакна дека договорите како Преспанскиот се важен дел од меѓународниот поредок заснован, како што рече, врз правила, а таквите договори, подвлече, ја обезбедуваат слободата, овозможуваат напредок и отвораат перспективна иднина.

„Алтернативата на тоа е катастрофа, како што можеме да видиме во Украина. Руската инвазија врз Украина го уништи мирот низ Европа и темелно ја промени нашата споделена безбедност. Кога и да заврши војната во Украина, односите со Москва драматично се променети, а безбедносниот пејзаж во Европа никогаш повеќе нема да биде ист“, рече генералниот секретар на НАТО.

Зборувајќи за процесот на зајакнување на руско-кинеските осноси, Столтенберг рече дека тие се „предизвик за нашата безбедност, нашите интереси и вредности“.

„Како што авторитарните режими ја зголемуваат својата соработка, дотолку поважно е оние што веруваат во слободата и демократијата да застанат рамо до рамо и да го промовираат мирот, да ја штитат споделената безбедност и да ги бранат глобалните правила. Тоа го покажуваме јасно преку институциите како ЕУ и НАТО“, рече првиот човек на Алијансата.

Прочитајте и:  Сиљаноска Давкова: Ние многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, но за Грција не сум сигурна

Во однос на Македонија, Столтенберг оцени дека земјава е „валиден сојузник“, кој, потсети, придонесува во мировната мисија во Косово, која е од витално значење за безбедноста на Западниот Балкан, особено во време на зголемени тензии.

„Изминатите неколку дена нашата мисија на КФОР ја зајакнавме со стотици трупи, а Северна Македонија го зголеми буџетот за одбрана и дава поддршка на нашиот партнер Украина. НАТО може да смета на Северна Македонија и обратно. Јасен показател се авионите на НАТО кои во рамки на патролната служба го контролираат небото над земјата“, рече Столтенберг.

Во однос на европроширувањето и шансите тоа да се случи до 2030 година, генералниот секретар на Алијансата оцени дека тоа не само што е возможно, туку и, според него, во моментов се случува.

„Следејќи ги стапките на Северна Македонија, Финска како одговор на руската инвазија се придружи на Алијансата. Сакам да ве уверам дека и шведското присоединување кон НАТО ќе биде комплетрирано што е мошно побрзо. Тоа важи и за Украина, сите наши сојузници се согласија земјата да стане дел од НАТО, а во Алијансата Русија нема право на вето“, рече Столтенберг.

Извор: МИА

- Реклама -